Договор за донација вредна околу еден милион евра, која опфаќа повеќе безбедносни сегменти за техничко осовременување и доопремување на неколку организациони единици при МВР, со посебен акцент на миграциската проблематика, денеска потпишаа министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и на Чешката Република, Оливер Спасовски и Јан Хамачек.
Преку Договорот што го парафиравме со министерот Хамачек, ние продолжуваме во насока на реализирање на заедничките цели, а тоа се високите и квалитетни безбедносни стандарди во интерес на граѓаните. Финансиските средства се наменети за активности поврзани со зајакнување на капацитетите на Одделите за гранични работи и миграции, за сузбивање на организиран и сериозен криминал, како и за воздухопловните единици при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија“, појасни Спасовски.
Чешката полиција во континуитет е присутни на нашата јужна граница од 2016 година до денес, каде што заедно со припадниците на нашето Министерство заеднички остваруваат задачи на обезбедување на граничниот појас.
Министерот Хамачек потенцира дека Чешка и во иднина ќе продолжи да и помага на Северна Македонија кон евроатланските интеграции и потенцира дека денешната посета е еден од конкретните примери за одличната соработка меѓу двете држави.
Ова е најдобар начин да се помогне во сузбивањето на борбата со организираниот криминал, трговијата со органи и сите проблеми со кои се соочуваме и сакам да ве уверам дека нашата помош и поддршка ќе продолжи и понатаму“, рече министерот Хамачек.
Министрите Спасовски и Хамачек по средбата во Скопје заминаа да ги посетат полициски службеници на јужната граница да им изразат благодарност за нивниот придонес за гарантирање на безбедноста.
Во однос на опасноста од нов бегалски бран, министерот Спасовски рече дека во моментов состојбата е стабилна и потенцира дека на оваа криза премногу влијаат и лажните вести кои можат да креираат состојба на зголемување на движењето на мигрантите како онаа дека од пред некое време е „отворена западно-балканската рута“. Министерот рече дека полициските сили на Северна Македонија и Грција веднаш реагирале и дека е спречена таквата намера.
Comments are closed for this post.