Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска како лажни вести ги оцени информациите дека се планира менување на регулирањето на семејството кое сега, како што вели, е позиционирано како дефиниција помеѓу маж и жена, а родителите се ословуваат со мајка и татко. Таа како што објави МИА негира дека ќе дојде до преименување во родител 1 и родител 2. Тоа, додава, е регулирано во законот за семејство, а измените не се во собраниска процедура, ниту на дневен ред во Министерството.
Многу е страшно што се дозволува во Република Северна Македонија лажните вести да се шират побрзо од вистинските. Во моментот во Собранието се разговара за Законот за недискриминација. Законот за семејство ниту е на дневен ред, ниту е на дневен ред во Министерството за труд и социјална политика. Со законот за недискриминација, како и во сите држави што се развиени, европски, кон што и Македонија се стреми, се регулира системот за заштита од дискриминација, не се регулираат семејните односи, изјави денеска Царовска.
Таа ги замоли сите медиуми и граѓаните да не подлегнуваат под лажните вести и манипулацијата што опозицијата се обидува да ја шири затоа што, како што рече, 10 години владеела со страв и манипулации и оти тоа денес не смее се дозволи.
Да се фокусираме на Законот за недискриминација што апсолутно дава еден друг стандард за заштита од дискриминација за сите граѓани и во кој првпат се воведува професионална комисија која ќе треба да има искуство и знаења за да спречи дискриминација и да постапува по неа. Дополнително се воведуваат други термини како што се сегрегација која досега не сме ја имале, затоа што тоа е нешто што треба да се вклучи, имаме родов идентитет, сексуална ориентација и сето тоа дава нов стандард за Македонија согласно европските директиви, согласно меѓународните стандарди, согласно стандардите што нашата држава ги ратификувала, рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на првата „бејгл” пекарница во Струмица
Comments are closed for this post.