Непосредно по завршувањето на втората рунда дискусии на Заедничката македонско-бугарска комисија за историските и образовните прашања, што некако се совпадна и со празнувањето на 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, во одделни бугарски медиуми, случајно или не, се крена многу прашина. Вниманието е главно насочено кон барањето на македонските историчари, Македонија да биде издвоена од списокот на бугарски региони од нивните учебници по старата нивна историја.

Оваа тема во студиото  на „Лице в лице“ на БТВ ја коментираше проф.Ангел Димитров, претседател на бугарската страна на заедничката експертска Комисија за историските и образовните прашања со Македонија.

Ние не сме стигнале до ниту едно сериозно, крајно решение за темите, што сме ги разгледале. Луѓето си мислат дека кога станува збор за учебници од основното образование работите се одвиваат брзо и лесно, само што таму има оставени тези за кои има сериозни забелешки од наша страна, посочи Димитров.

Според него, тие не водат преговори со македонската страна, туку научна дискусија во која нема компромиси, ами јасни позиции. Но, дополнува, дека не треба да се заборави дека нивната работа е во политички контекст. Притоа потенцира дека двете страни се договориле за заедничко одбележување на одредени настани како 24 мај, денот на светите просветители Кирил и Методиј.

Одговарајќи на новинарско прашање до кога во македонските учебници ќе стои формулацијата бугарски окупатори, Димитров забележува:

Да, во учебниците стои тоа. Но, уште еднаш ќе ви кажам од формална, меѓународно-правна гледна точка, терминот окупатор може да биде употребен и тоа е употребено дури и од  бугарските политичари во текот на 1941 година. Меѓутоа, тоа е само формално. Не треба да се влегува во негативен однос, што го има во нивните учебници, но тоа не одговара на реалните процеси. Ние ќе се разбереме со колегите. Видете, образот на другиот не се формира само со лепењето етикети. Тој може да се формира од премолчаното, од начинот на кој е историскиот расказ на наративот, има многу детали.

Во врска со пишувањата во бугарските медиуми побаравме одговори и од проф.д-р Драган Ѓоргиев, прв човек на македонската комисија, кој за Пресинг ТВ вели:

 

 

Во однос на картографското претставување на територијата на денешните држави Република Бугарија и Република Македонија во праисторијата, беше презентирана забелешката дека во учебниците и во двете држави е присутно „национализирање на минатото“, односно претставување на денешните државни територии како етнички територии уште во праисторијата. На учениците им се остава впечаток дека тие територии уште од праисторија биле населени со Бугари или со Македонци и дека отсекогаш тие биле нивната татковина. Во тој поглед комисиите се сложија  да се предложи тие некоректности да бидат надминати. Во бугарските учебници постои тенденција територијата на денешна Република Македонија во средниот век генерално да биде третирана како „бугарска земја“ и во периоди кога државно-правно е дел од средновековната бугарска држава, но и кога не влегува во состав на таа држава. Во тој поглед нашата комисија  имаше забелешка и таа ќе биде разгледувана на следната средба во Софија.

Професор Ѓоргиев потврдува дека двете страни начелно се согласиле до владите на двете држави да дадат предлог за заедничко одбележување на поменот на светите браќа Кирил и Методиј во Рим на 24 мај секоја година и на сите позначајни, односно заокружени годишнини поврзани со Цар Самоил.

Во врска со тоа како ќе се балансира иритираноста на Бугарија за користењето на формулацијата бугарски окупатори, проф.Ѓоргиев вели:

На нашата последна средба воопшто не беа разгледувани учебниците од повисоките одделенија и класови каде се изучува новата историја, така што споменатата формулација воопшто не беше тема на дискусија. Но, од државно-правен аспект терминот окупација е сосема соодветен за дефинирање на ситуацијата, што е присутна на територијата на денешна Република Македонија во периодот 1941-1944 година, кога таа е во состав на царството Бугарија.