Денеска во Министерството за надворешни работи треба да се одржи координативен состанок на македонскиот дел од комисиите за историски и образовни прашања, што беа формирани согласно договорите за добрососедство со Бугарија и Грција. Целта на средбата е меѓусебна размена на за нијанса „побогатото“ искуство првенствено од членовите, кои учествуваат во работата на заедничката комисија со Бугарија.
За средината на месецов, пак, е закажана и заедничка седница на владите на Република Македонија и на Република Бугарија во Софија. Притоа, иако не е официјално најавено, се очекува да стане збор и за досегашниот тек на работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања. И, ако се суди според реакциите на нејзините членови пред и по последната средба во Бугарија, веројатно двете страни ќе имаат што да си кажат.
Пред последната средба на заедничката комисија, историчарите најавија дека на дневен ред треба да се најдат обострано изнесените забелешки за одредени содржини во учебниците по историја во двете земји. Бугарската страна за таа цел на сиот глас во неколку наврати повторуваше дека има подготвено 30 страници забелешки и оти во Македонија, речиси, да не постои учебник во кој не ќе треба да се интервенира.
Македонската страна, пак, се придржуваше до тоа дека треба да се смени тонот во учебниците и на фактот дека Бугарија не може да претендира дека територијата на денешната Република Македонија претставувала „бугарска земја“ и во периодот на антиката и средновековието.
Но, по средбата од двете страни беше соопштено само дека било договорено заеднички да се прославуваат Св.Кирил и Методиј и јубилејните одбележувања на Григор Прличев. Не стана ни збор ни за учебниците, ни за цар Самоил!
Ако се суди според ова, многу веројатно е дека расправата по анализите за забелешките за учебниците од антиката и средниот век не биле примарно прашање.
Кога станува збор за цар Самоил и неговата држава, уште пред средбата дел од членовите на бугарскиот дел од комисијата инсистираа исклучиво на бугарскиот историографски поглед. Самиот факт дека околу Самоил заедничката комисија не излезе со изграден став, очигледно е дека македонскиот дел од комисијата не сакала да прифати еднострани погледи за минатото, односно царот да гледа само накај Софија!?
Ако ова, еднострано инсистирање само на „својата вистина“ продолжи и понатаму, може само да се претпостави дека во иднина работата на заедничката комисија ќе се усложни и тешко ќе се доаѓа до компромиси. Очигледно, некому му е многу поважно и приоритет му дава на заедничкото славење на одредени настани и личности, отколку на добрососедството и заедничката иднина.
Comments are closed for this post.