Првиот дел од кампањата за претседателските избори е загревање, а во вториот дел од кампањата ќе се виде вистинско лице и на кандидатите, но и на партиите, коишти стојат зад нив, оценува универзитетскиот професор и поранешен премиер Владо Бучковски.
-Јас лично сум задоволен од начинот на којшто комуницираат досега двете водечки партии. Мислам дека памтиме други кампањи, каде што нивото, реториката беше далеку под потребното ниво. Мислам дека за тоа има позитивен придонес и карактерот на тројцата кандидати, а професорот Река е пријатно изненадување во оваа кампања, вели Бучковски запрашан како го оценува првиот дел од кампањата и дали кандидатите праќаат вистински пораки или се насочеки кон дискридитација на противникот.
Забележа дека потребни се дебатите меѓу тројцата кандидати, но и вистински дебати на кандидатите за претседател со граѓаните.
Бучковски денеска во Штип присуствуваше на промоцијата на книгата „Реторика-Историски и современи аспекти” пред студентите и наставниот кадар на Правниот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев”-Штип, како коавтор на делото. Во групата универзитетски професори – коавтори од двата државни правни факултета: Правниот факултет „Јустинијан Први” при УКИМ – Скопје и Правниот факултет при УГД – Штип, се и Мирјана Поленак-Аќимовска, Гоце Наумовски, Димитар Апасиев и Јован Андоновски.
Comments are closed for this post.