Еко активистите ја „етикетираа“ Дрисла како канцерогена територија. Десетици лица од граѓанскиот сектор, под мотото „За свеж воздух“, го блокираа патот што води до депонијата Дрисла, со објаснување дека таа е најголемиот загадувач на воздухот. Според нив, мерките што ги презема Град Скопје против загадувањето на воздухот не даваат резултати, оценуваат невладините организации. Присуството на ПМ 10 честичките во воздухот, продолжува да е три пати поголемо од дозволеното.
Активистите, поставија и црвена лента со која на камионите кои превезуваат отпад на половина час им беше оневозможено да влезат во претпријатието. Активистите велат дека италијанскиот концесионер нема вложено ниту денар во унапредување на технологијата. Удрија и на правилниците кои, според нив, се само чиста формалност, а се сомневаат дека во депонијата и понатаму се складира отпад донесен од соседните земји.
Изминативе денови загадувањето не стивна, а за да биде ситуацијата уште поапсурдна, во деновите на голема концентрација на ПМ10 честичките во околината на депонијата, печката за горење медицински отпад е надвор од функција поради дефект на филтерот. Директорот на Дрисла вели дека проблемот ќе биде решен во најбрз рок и ги демантира наводите на активистите дека се увезува отпад од странство.
За утре е најавен нов протест во Скопје против аерозагадувањето. Активистите им дадоа рок од 15 дена на властите да ги исполнат барањата, во спротивно – ќе поднесат тужба до државата.
Comments are closed for this post.