Новиот автопат Миладиновци – Штип, прв во источниот дел на државата, денеска е пуштен во употреба. Инвестицијата во автопатската делница, долга 47 километри, изнесува над 200 милиони евра. Со новото автопатско решение времето за патување од Скопје до Штип се намалува за половина час.
Автопатот е широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Делницата почнува после клучката Миладиновци, која има девет нови крака, долга е 1,5 километри и се спојува со коридорите 8 и 10. Последната клучка на автопатот е „Три чешми“, каде ќе има спојување со новиот експресен пат во изградба Штип-Кочани.
Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.
Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.
Во изградбата на патот покрај „Синохидро“ беа ангажирани и домашните градежни компании „Бетон“ и „Гранит“, односно над 800 работници од државава. Со Договорот се наложуваше кинескиот изведувач да ангажира подизведувачи и да набавува градежни материјали од државава во вредност од најмалку 49 отсто од вкупната цена на договорите, а бројот на македонски работници да биде најмалку 51 отсто од вкупниот број.
Comments are closed for this post.