Талат Џафери 16 години е во политиката и тоа секогаш на важни функции. Поради судирот на интереси и чистата совест, иако сме баџанаци, ние сме држеле коректни односи и тоа далечни. Ако не пошироко, во Гостивар сите тоа го знаат. Ниту побарал, ниту јас се обидував да бидам на некоја функција, вели новоизбраниот член на Антикорупциската комисија Нури Бајрами кој е баџанак на претседателот на Собранието Талат Џафери. Во одговорот на прозивките на новинарот Бранко Героски, Бајрами вели дека се пријави на огласот бидејќи за прв пат се спроведува таков начин на избор на членови на Комисијата.
Не сум член на политичка партија веќе многу години, а на партиски и државни функции не сум бил никогаш. Никаде во законот и во огласот не беше наведено, што правно и не може да се наведе, да не конкурираат блиски лица на функционери, туку како да се спроведува постапката. Талат Џафери не беше член ни на Комисијата за селекција и спроведување на интервју, ни на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата, вели Бајрами.
Героски му одговори дека фактот што претседателот на Собранието му е баџанак може да го доведе во прашање неговиот кредибилитет за одлучување во Комисија за спречување на корупција.
Можно е вие и вашиот баџанак да сте најчесните луѓе на овој свет, не велам не, но роднинската врска меѓу вас двајцата (непотизам) ја раѓа претпоставката која се заснова на веројатноста тој врз вас да изврши политички притисок во одлучувањето во Антикорупциската комисија. Мора да сфатите дека таа претпоставка морално ве дисквалификува од постапката за избор, без оглед што сте ги исполниле законските услови, му одговори Героски.
Претходно Героски на Фејсбук напиша
Се надевав на брза реакција на баџанакот на Талат Џафери. Ништо од тоа. Баџанациве мува не ги лази. Останувам разочаран и убеден дека новата Антикорупциска комисија стартува со сериозно оштетен легитимитет. Ништо од концептот „Нулта толеранција на корупцијата“!
Comments are closed for this post.