На Светскиот ден против корупцијата, Стејт департментот на САД одлучи да ги стави Артан Груби, поранешниот заменик премиер и Енвер Беџети, судија од апелациониот суд на црната листа и да им забрани влез во САД.
„Стејт департментот јавно ги назначува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција со примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) на Северна Македонија. Мијалков беше назначен во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а OFAC го санкционираше според Е.О. 14033. Како дел од оваа акција се назначени и членовите на потесното семејство на Груби“ се вели во објавата на Стејт департментот.
Со ваквата одлука Беџети и Груби, но и семејството на Груби не смеат да патуваат во САД.
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да биде толерирано. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вмешани во значајна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нарушува јавната доверба. Никој не е над законот и одговорноста е клучна за напредок“ напиша американската амбасадорка, Анџела Агелер на социјалните мрежи.
Како што се вели во објавата, тие биле вмешани во корупција и примиле мито за нарушување на судските процеси поврзани со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој исто така е на црната листа на САД.
Судскиот совет во ноември 2023 година го казни со парична казна судијата Енвер Беџети откако утврди дека девет месеци го чувал предметот „Таргет-Тврдина“ на Сашо Мијалков во фиока, со цел да застари делото. Судскиот совет по поведена дисциплинска постапка, одлучи да го казни Беџети 20 отсто од платата во наредните 6 месеци.
Comments are closed for this post.