Зоран Заев со вчерашната прес конференција, во ист ден кога се викаат на распит и замолчување двајца новинари, упати јасна порака до граѓаните и до новинарството односно до седмата сила, а тоа е дека треба што побрзо да замолчат или можно е сите да одат во затвор, изјави пред Владата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Според него премиерот Заев вчера претставил план за цензура.
„Со вчерашниот план Заев и СДСМ напоменаа дека сакаат да не направат нас тука како Северна Кореја, земја во која што граѓаните не знаат што се случува во сопствената држава, а не пак надвор“, рече Арсовски.
Тој истакна дека носењето на вакви планови се со цел да не се откријат сите криминали кои ги правела власта.
„Ако некој треба да се справи со лажните вести, тоа се граѓаните кои секој ден се лажени од Зоран Заев и од власта. Такви вести ги има многу секојдневно. Лажна вест е дека Зоран Заев не знае кои се Кики и Фрики. Лажна вест е дека СДСМ не стои позади рекетот. Лажна вест е дека Курто Дудуш не малтретирал и не тепал и навредувал свој сограѓани. Лажна вест е дека секретарот на Владата на Заев не учествувал во незаконски разговори за тендер тежок 7 милиони евра. Лажна вест е изјавата на Заев дека Македонија лани во јуни доби датум за преговори односно за почеток на преговори. Лажна вест е дека Заев додека дише нема да го смени уставното име и дека ќе ги штити идентитетот и жицата македонска“, рече Арсовски.
Тој порача дека планот на Заев за диктатура не може и не смее да успее.
Comments are closed for this post.