Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во 2016 година не бил Генерален секретар, тој бил Генерален секретар од 1 август 2017 година, одговори портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски на прашањето од СДСМ  која била улогата на Мицкоски во 2016 година во моментот кога се прислушувало во Јавното обвинителство кога бил генерален секретар како што наведоа од Бихаќка.

Арсовски додава дека очигледна е намерата и злобата на СДСМ да му наштетат на претседателот Мицкоски преку случај за кој директно се одговорни СДСМ, Зоран Заев и Оливер Спасовски.

Така да одговорот СДСМ и нивниот Центар за комуникации треба да го бараат кај Оливер Спасовски во МВР и треба да го бараат во Владата во нивниот претседател Зоран Заев тие се оние кои треба да дадат одговор на граѓаните кој прислушувал и за чии намени, а уште побрзо треба да си дадат оставка по ова што се случува во моментов, изјави Арсовски.

Поминаа 3 дена од скандалот за нелегално прислушување во Јавното обвинителство, а се уште од Оливер Спасовски и МВР немаме никаков концизен и директен одговор, изјави  Арсовски.

Кадрите на СДСМ се уште ги прислушкуваат граѓаните и институциите. Јавните обвинители, судиите, нивните соработници и институциите се под директен надзор и нелегално прислушувани од страна на Оливер Спасовски и Зоран Заев. За ова оставки, но и одговорност мора да има и тоа уште веднаш – рече Арсовски.

Тој праша кој прислушувал нелегално во Јавното обвинителство, дали во разговорите има разговори и од обвинители од Специјалното јавно обвинителство во кои се договарале одредени предмети и нивно преземање, кој ќе сноси одговорност за прислушувањето, дали со овие нелегални разговори од изминативе 2 години биле уценувани јавни обвинители да носат одлуки по нечија желба на луѓето од власта?