На ден 22 јуни 2017. година Фросина Ременски, беше промовирана како почесен претседател на Меѓународниот сојуз. На истата таа промоција истата Фросина Ременски рече, цитирам: „Јас ќе ја искористам максимално функцијата во лобирање и влијание итн“, потсети на прес-конференција Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека „прашањето на кое не одговори денес Фросина Ременски е следното: за што ја искористила својата функција Фросина Ременски изминативе две години како потпретседател на Собрание на Република Македонија и потпретседател на СДСМ, а во насока на влијание и лобирање за потребите на „Меѓународен сојуз“?

Потоа Арсовски постави редица други прашања:

За што влијаела и за што лобирала онаму каде што можела? Гледаме дека стратегиите и проектите на Боки 13 со сите инволвирани во Меѓународниот сојуз биле со единствена намера да рекетираат. Дали Фросина Ременски учествувала во смислувањето на тие проекти за рекет на Боки 13?

Пари во Меѓународниот сојуз има милиони, резултати и проекти нема. Парите извадени од сметка, нормално. Дали тоа се парите за кои влијаела максимално и лобирала Фросина Ременски и каде завршиле истите пари дадени од бизнисмените најверојатно како „Рекет“?, праша Арсовски

Тој рече дека изминативе две години се поднесени две завршни сметки за работата на Меѓународниот сојуз, за 2017 и 2018-тата година.

Дали Фросина Ременски не знае и не учествувала во финансиските извештаи каде што е почесен претседател, за што и како се потрошени извадени парите, дадени од бизнисмените на „Меѓународен сојуз“?. Очигледно е дека целата фарса од истрагата за случајот „Рекет“ е единствено целиот случај да се развлече и на крај нормално да се забошоти, да остане таков како што е во моментов“, потенцираше Арсовски.