Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска беа на средба кај градоначалничката Данела Арсовска, изјави дека добиле согласност од скопската гардоначaлничка, Министерство за култура целосно да ја преземе реконструкцијата за Универзална сала .
Имаме комплетна согласност заеднички да работиме на тој проект, со тоа што Министерството за култура ќе ја преземе Универзална сала, изјави Пенов по средбата.
Тој нагласи дека со Арсовска разговарале и за други проекти кои се реализираат и кои се од интерес за скопјани како што се подземниот премин кај „Рамстор“ кој излегува кај „Нова Македонија“, мостот во Карпош на улица Љубљанска кон Момин Поток, како и мостот во Аеродром кој стои заради имотно-правни односи.
За овие проекти се договоривме да соработуваме со Арсовска, изјави Пенов.
Од прес-службата на Град Скопје потврдија дека градоначалничката Арсовска, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, на заедничка средба во градот Скопје донеле заеднички заклучок во однос на Универзална сала дека треба да продолжи нејзината реконструкција како проект од поширок државен интерес.
Донесовме заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната Сала во Скопје е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија. Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за истото ќе ни се обрати Министерството со писмено барање за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање, се наведува во соопштението од Град Скопје.
Во соопштението од одделението за односи со јавност на Град Скопје се наведува дека Универзалната сала е симбол на Скопје и споменик на културата, и за нејзино возобновување е потребно издржано и заедничко решение кое истовремено ќе биде и безбедно за посетителите.
Comments are closed for this post.