Апелацискиот суд мора да се издигне над политичкиот притисок и нарачани притвори мотивирани само и само од политичкиот прогон, кој што се спроведува врз опозицијата, а во насока на покривање на грешките на власта, изјави портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој додаде дека според сите правни аргументи, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски за цело време додека траат политичките судења, со ништо не ги прекршиле одредените мерки за претпазливост на судот, а станува збор за цели 18 месеци.
По година ипол редовно исполнување на обврските, судиите во Апелација мора да ги земат предвид фактите, а не да ги потврдуваат одлуките кои се само и само во насока на „Кацарска судот„ и партиските обвинителства, напишани од истиот центар, со кои се докажува политичката, а не правосудната одлука за притвор, рече Стоилковски.
Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, јавноста и натаму останува без одговори на прашањата зошто судот определува притвор по наводна службена белешка од УБК, класифицирана со степен Строго доверливо, дали е проверена веродостојноста на исказот во неа, откако Кабинетот на претседателот, но и обвинетите остро реагираше и ја демантираше нејзината содржина, кој издал наредба УБК да го следи претседателот на државата и неговите активности, дали се злоупотребува УБК за да се фингираат политички мотивирани судски одлуки…?
Во име на демократијата, судството мора да се ослободи од спрегите и притисоците на Зоран Заев и да работи врз база на аргументите, кои велат дека ниту Јанакиески, ниту Божиновски имале намера да заминат и да ги напуштат своите семејства. Затоа судот мора да ги исправи направените грешки и да ги прифати аргументите на одбраната изнесени во жалбата за укинување на притворот, потенцираше Стоилковски.
Comments are closed for this post.