Дали Антикорупциската комисија ќе се стави „под винкла“ со или без политичка одговорност за нејзиниот прв човек или ќе продолжи по стапките на Специјалното јавно обвинителство не во смисла на рекетирање бизнисмени, туку во нејзината (зло)употреба во чисто дневно-политички цели и ставање во позиција на недопирливост? Оваа дилема се отвора по објавување на два текста-еден на бивша судијка во највисоките државни судови и вториот на професорка на скопскиот државен универзитет, Милојка Калкашлиева и Ана Павловска-Данева.

Повод за пишувањето на судијката Калкашлиева и професорката Павловска-Данева се пресудата на Управниот суд, но и реакциите, што пристигнаа од првата антикорупционерка Билјана Ивановска, во контекст на одлуката на антикорупционерите поврзана за указите на екс-претседателот и  врховен командант Ѓорге Иванов, што беа донесени по закажувањето на последните претседателски избори, во февруари годинава.

Во своето писмо до „Нова Македонија“ судијката Калкашлиева, меѓу другото, не само што ја оправдува пресудата на Управниот суд, туку забележува дека е дури и блага, зашто уште веднаш требало да ја прогласи за ништовна одлуката на ДКСК! Во продолжение, пак, од една страна, оценува дека антикорупционерите си земале ингеренции, што воопшто не им припаѓаат, и од друга дека со постапката, што ја покренале пред Управниот суд, отишле на сосема погрешен колосек, зашто за евентуалните грешки на претседателот не одлучува Управниот, туку Уставниот суд!

Одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата е НИШТОВНА, затоа што во управна постапка е донесена за работа за која воопшто не може да се решава во управна постапка. Комисијата одлучувала за работа за која не е надлежна, а ќе појаснам зошто: Според Уставот, претседателот на Републиката е и врховен командант на вооружените сили на Македонија, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и на законите. Претседателот не е ослободен од одговорност доколку ги крши Уставот и законите. Напротив, Уставот утврдува дека претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности (член 87), но во истата уставна одредба е определено и кој е надлежен да одлучува за таа одговорност на претседателот. Тоа е Уставниот суд.

Оспорените укази претседателот ги донел како врховен командант на армијата, а како врховен командант на армијата, претседателот е надлежен да поставува старешини на формациски места генерали и да унапредува и разрешува (чл. 18 ст. 1 точ. 11 од Законот за одбрана). Значи, оспорените укази претседателот ги донел во вршење на своите права и должности како претседател и врховен командант на армијата, а доколку со тие укази го прекршил Уставот или некој закон, одлука за неговата одговорност надлежен е да донесе само Уставниот суд. Управниот суд кога одлучувал во овој случај морал да ги има предвид одредбите од Уставот и оспорената одлука на ДКСК да ја огласи за ништовна. На ништовноста на управните акти судот внимава по службена должност, а меѓу актите што Законот за општа управна постапка ги утврдува како ништовни, се и актите што во управна постапка се донесени за работа за која воопшто не може да се решава во управна постапка. За одговорноста на претседателот за актите што ги донесува во вршење на функцијата претседател и врховен командант на армијата не може да се решава во управна постапка, туку, како што веќе наведов, таквата одговорност ја утврдува Уставниот суд, а тој не одлучува во управна постапка.
Тоа што ДКСК во овој случај излегла од својата надлежност може и да се сфати, но судот што не одлучувал врз основа на Уставот и не ја огласил одлуката за ништовна е неприфатливо, затоа што Уставот бара судовите да судат врз основа на Уставот, пишува судијката Калкашлиева.

Професорката Павловска-Данева, пак, во својата последна колумна за „Независен весник“ забележува дека „се претворивме во држава на сезнајни експерти по право, кои немаат правна наобразба, кои не знаат да „читаат закони“ (во правната „фела“ незнаењето да се чита закон означува неспособност тој да се сфати, толкува и примени), кои не допреле правна литература, а спроведуваат право и носат одлуки“. Иако не го споменува директно називот на институцијата, ниту пак името на нејзиниот прв човек, сепак јасно се препознава и едното и другото. Но, овде можеби со мала дистинкција, зашто не е оспорена постапката и Управниот суд, туку најверојатно изјавата на Ивановска, која во настап на една од телевизиите пресудата на Управниот суд ја оцени како правна тактика, па дури и ја доведе во прашање надлежноста на одлучување Судот по одлуките на антикорупционерите.

Деновиве станува актуелно прашањето за примената на процесното право токму од страна на еден таков значаен државен орган во кој граѓаните вложија високи очекувања и голема надеж. Првите одлуки на државниот орган изгледаат како тој да си зел врз себе товар (читај: надлежност) поголем од тоа што законодавецот му доверил, па дури и потежок од оној што најгладниот за право и правда наш граѓанин го очекувал…

Покрај своевидното проширување на сопствената надлежност, овој државен орган низ една неумесна изјава на првиот (или првата) меѓу еднаквите свои членови (и членки) ја доведе во прашање судската јурисдикција во контролата на одлуките што овој орган ги носи. Со други зборови, најави своја недопирливост. Правна супериорност.

Хм, искрено сакам овој орган повторно да заживее и да ја врати својата стара слава. Да стане ефикасен. Неговото постоење и работа да вродат со плод. Затоа, нема да се служам со иронија, ниту ќе критикувам. Само ќе посочам дека не постојат недопирливи одлуки кои не подлежат на судска контрола. Не зашто така сакаат правниците, експертите, професорите, судиите. Зашто Уставот така кажува. Зашто така кажува Законот за управни спорови. И зашто Законот за општата управна постапка така кажува, пишува проф. Павловска-Данева.

Да биде иронијата поголема, токму одлуката на Антикорупциска беше основа врз која новиот претседател и врховен командант Стево Пендаровски донесе нови укази со кои три лица од именуваните бра повлечени и ставени на други позиции.

Сега на потег повторно е ДКСК и од нејзината одлука ќе зависи натамошниот развој на настаните. Но, останува чувството дека ваквите реакции во јавноста во вистинска правна држава би довеле до политичка одговорност и повлекување барем на првиот човек, ако не и на целиот состав на Комисијата, зашто повеќе од скандалозно е да не се знаат ингеренциите на институцијата од која граѓаните имаат високи очекувања. Впрочем, исто како што беше и со СЈО, кое ја уби надежда во владеењето на правото и функционирањето на правната држава.