Државната комисија за спречување на корупцијата следи дали се почитуваат забраните за постапување на државните органи во изборниот процес и текот на изборната кампања за претседателските избори и предвремените локални во три општини, а ќе ја контролира и злоупотребата на државни средства и ресурси за потребите на кампањата, а ќе ја следи и законитоста на финансирањето на изботните кампањи. Засега немаат поведено ниту една постапка поврзана со изборниот процес.

Комисијата ги охрабрува граѓаните, невладините организации и медиумите да ги пријавуваат сите неправилности во изборната кампања за избор на претседател и локалните избори во Охрид, Дебар и Ново Село.

Во периодот од 20 дена пред почеток на изборна кампања, па до завршување на изборот на претседател и до завршување на изборите за избор на градоначалник, не може да се одржуваат јавни настани по повод почнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен
капитал.

Под забрана за одржување јавни настани, велат од ДКСК, не се подразбира особено давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

ДКСК ќе го истражува ќе врши контрола на буџетските пари и ќе го следи финансирањето на изборна кампања, по сопствена иницијатива, по поднесен приговор од организатор на изборна кампања или од акредитирани набљудувачи.

На веб-страницата на Антикорупциската комисија објавена е формата на Пријава за сомневања за незаконитости и прекршувања во изборниот процес која може да ја пополни секој кој има информации дека се злоупотребуваат буџетски средства за изборни цели, ако се вршат обиди за притисоци и закани врз гласачи, ако се почнува со изградба на јавни објекти, водоводи, училишта, патишта или ако се исплатуваат пензии, социјална помош и плати кои не се редовни месечни исплати.

Од комисијата повикуваат секој што ќе детектира залоупотреби на возила за изборни цели, да го пријави случајот во ДКСК.На веб страницата  е објавен и регистар на возила на државни органи, на општини и на јавни претпријатија, со регистарски таблички.