Околу половина или 54,2% од испитаниците сметаат дека изборите треба да се одржат во редовен рок во 2024 година. Речиси две третини или 61,3% од испитаниците би излегле да гласаат доколку утре се одржат избори. Според рејтингот на политичките партии и на нивните лидери останува водството на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски, покажува истражувањето на МКД.мк кое на 1.200 испитаници го спроведе агенцијата Маркет вижн.
Ова истражување покажа дека јавноста сѐ помалку верува дека политичките партии се способни да спроведат економски напредок и развој или пак да водат добра надворешна политика. На прашањето која политичка партија има капацитет да креира и реализира најдобра економска програма за Македонија, 12,9 отсто од испитаниците предност дадоа за ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ му веруваат 9,9 отсто, а на Левица 3,4 %.
Во однос на надворешната политика разликата е помала: 14,8% за ВМРО-ДПМНЕ и 13% за СДСМ.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е политичарот во кого гласачите имаат најголема доверба. После него се Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Димитар Апасиев и Никола Груевски.
Повеќе од половина од граѓаните немаат доверба во ниту еден лидер на политичките партии на македонската политичка сцена.
Најголем дел од јавноста смета дека следните парламентарни избори треба да се одржат во редовен рок во 2024 година. За предвремени избори се 33,5 % од испитаниците.
Оваа анкета покажа зголемување на интересот на гласачите за излегување на избори – 61,3 отсто од испитаниците одговориле дека би излегле на гласање на следните парламентарни избори. На претходното истражување на јавното мислење од ноември минатата година овој процент беше 56,6%.
И оваа анкета покажува дека ВМРО-ДПМНЕ има стабилна предност во однос на другите политички партии. На прашањето за која партија ќе гласате на наредните избори, 21,8 отсто од испитаниците се за ВМРО-ДПМНЕ, 12,4 % за СДСМ, 8,2 % за ДУИ, за Левица би гласале 4,5 %, за Алијанса за Албанците 3,7 %, за Беса 2,3 отсто… Повеќе од 40 отсто одговориле со „не знам“, „не сакам да откријам“ или „ќе го поништам ливчето“.
Анкетирањето беше спроведено од 6 до 16 февруари со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.067 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
Comments are closed for this post.