Мнозинството граѓани сметаат дека во аферата „Рекет“ е замешана и власта и дека истрагата за овој случај не се води како што треба.

Повеќе од 66 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека во аферата „Рекет“ замешани се и лица на повисоки позиции во власта, а само 7,2 отсто од 1.200 анкетирани одговорија дека во овој случај не се вклучени луѓе од власта.Ова го покажува анкетата на Маркет вижн и на МКД.мк. Според истражувањето повеќе од половината од анкетираните граѓани сметаат дека Јавното обвинителство недоволно добро ја води истрагата, а дури 81 отсто дека ЈО прикрива дела, лица, докази.

 

Повеќе од 81 отсто од граѓаните слушнале за случајот „Рекет“ (со „не“ одговориле 18,2%), а 57 отсто од нив редовно ги следат вестите поврзани со овој случај, 42,1 отсто одговориле дека не се заинтересирани.

Анкетата како што информира МКД.мк била спроведено од 17 до 24 септември со употреба на КАТИ (CATI) метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 6% (+-3%) и интервал на доверба 95%.

Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол и возраст во однос на проценките за населениетот од Државниот завод за статистика од 2017 година. На барање на клиентот и поради споредливост на резултатите, албанската популација во примерокот е застапена со 20,7%.