Амбасадорката на Соединетите американски држави во земјава, Кејт Мери Брнз, денеска е во посета на Дебар, каде најпрво имаше работна средба со градоначалникот Хекуран Дука.

По средбата, Дука информираше дека е разговарано за повеќе прашања, со посебен акцент на дебарската дијаспора во САД, која треба да претставува вистински мост на поврзување.

Ја изнесов оценката дека САД е стратешки партнер на Северна Македонија и на нашата општина. Ја информирав амбасадорката дека во САД има повеќе дебрани отколку во Дебар, меѓу нив многу моќни бизнисмени. Нагласив дека најбитно за нас е нашинците да отворат производен погон во градот каде ќе обезбедуваат егзистнција, пред се младите, за да не го напуштаат родното место. Побарав исто така да се заложи да продолжи поддршката од УСАИД за нашата општина, рече Дука.

Секако, додаде, разговаравме и за состојбата и справувањето со пандемијата со Ковид-19, поради која Дебар и Центар Жупа беа под карантин еден месец и последиците врз економијата.

Амбасадорката во текот на денов ќе ја посети компанијата „Кораби Редимикс“, сопственост на Ибрахим Колари и „Слајс пица“ на Илбер Сеља, познати бизнисмени во САД, по потекло од Дебар.

Во седиштето на дебарското муфтиство ќе се сретне со муфтијата Решат Качалнику и заедно ќе го посетат манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во селото Рајчица.