Ја прочита, но јавно не ја покажа. Лидерот на ДУИ Али Ахмети ги собра денеска лидерите од Европскиот фронт на средба, на која ги наброја имињата на потписниците на декларацијата со која наводно Таравари, Меџити, Касами и Гаши уште на 13 јануари се заложиле дека ќе ги поддржат уставните измени. На неа, според Ахмети стои дека нема да прават коалиција со партија која нема да се согласи да бидат вметнати Бугарите во уставот, пренесува Алфа ТВ.
„Сега и во иднина да соработуваме и владееме само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжување на процесот на интеграција на земјата во Европската Унија. Потписи на партиските претставници, Арбен Таравари, Африм Гаши, Али Ахмети, Биљал Касами, Изет Меџити“, рече Али Ахмети.
Без да прецизира, Ахмети вели декларацијата е потпишана по направени консултации, посочувајќи дека Европскиот фронт ќе биде столб за мирот и стабилноста на земјава, бидејќи како што рече, местото Македонија е во Европската Унија. Претседателот на Демократско движење и еден од лидерите на коалицијата Вреди, Изет Меџити тврди дека Вреди нема потпишано никаква платформа со ДУИ за барање на албанските политички партии од секоја нова влада да спроведат уставни измени како услов за коалицирање со партија од македонскиот блок.
„Во неколку наврати јас одговорив и на Ахмети и на Груби и на Османи, доколку има такво писмо да го објават пред јавноста во рок од 24 или 48 часа, во спротивно даваат неточни информации, да не кажам ја лажат јавноста“, рече Изет Меџити.
Ахмети никако да се освести дека заминуваат во опозиција. Ни денеска не кажа прецизно како партијатата и коалиционите партнери ќе се однесуваат во иднина и дали ќе бидат конструктивна опозиција, или можеби ќе се повтори сценариото од 2006 до 2008 година кога притискаа да влезат во владата. Централното претседателство на ДУИ вчера се собра во седиштето во Мала Речица за да разговара за последните политички случувања во земјата создадени по изборите на 8 мај. Од таму ги предупредија ВМРО-ДПМНЕ да не си игра со Албанците и да не ја потценува волјата на мнозинството Албанци како втора по големина заедница во државата.
Comments are closed for this post.