Победата на Стево Пендаровски на претседателските избори се должи на разликата што ја направија албанските гласачи без разлика на која партија припаѓаат. Сепак, очигледно е дека етничките Албанци не излегоа во голем број во двата круга, но треба да се навикнеме дека и кај нив веќе нема да има масовни гласања како што беше случај во минатото.
Вакви се размислувањата на експертите за претседателските избори кои го дадоа петтиот претседател на државата. На нив победи Стево Пендаровски со околу 50.000 гласови, предност извојувана претежно во општини со доминантно албанско население.
Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани смета најважно e дека изборите биле мирни и демократски и оти пофалби стигнуваат од сите страни. Според него, важно е дека само на мирни избори се дава легитимитет на избраниот кандидат.
Тој се согласува дека излезноста кај Албанците е под очекуваното и оти причините лежат можеби во тоа што голем дел од младите заминаа во странство и што партиите немаат голема сила да ги мотивираат гласачите.
Што се однесува до заслугите, Рамадани не се согласува дека само со гласовите на ДУИ беше избран Пендаровски.
Не само ДУИ туку и другите партии сакаат да си ги присвојат заслугите.Тие секако имаат партиска инфраструктура да привлечат гласачи, но впечатокот е дека гласаат за евроатланска интеграција.Со гласањето за Пендаровски Албанците беа убедени дека гласаат за вистинската опција-смета Рамадани.
Картата со гласовите на изборите споредена по општини покажува дека Пендаровски најголемата разлика ја направи во Струга каде освои 12.000 гласови, а Силјановска само пет, во Тетово Силјановска освои шест, а Пендаровски 16.000 гласови, како и Гостивар каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои пет а на ДУИ и на СДСМ 13.000 гласови.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека Пендаровски добил над 100.000 албански гласови но оти не може да се каже дека сите се на ДУИ и дека тука има и дел од гласовите што ги доби Блерим Река.
Според него, кај Албанците преовлада ставот дека изборите не треба да пропаднат за да не пропадне евроатланскиот процес и оти затоа Пендаровски беше поприфатлива опција.
Ова е пирова победа на СДСМ и единствен кој може да биде среќен е Пендаровски кој стана претседател. ВМРО-ДПМНЕ, се врати во игра, изиграа контруктивно со тоа што не бојкотираше, а Мицкоски си ја потврди позицијата и легитимитетот со 380.000 освоени гласови-оценува Божиновски за Пресинг ТВ.
Дека победата на Стево Пендаровски е резултат на гласовите на Албанците потврдува и поранешниот премиер Владо Бучковски. Според него, очигледен беше договорот на СДСМ и ДУИ и тоа донесе резултат.
Гледајќи ги резултатите, во мнозинството општини каде што доминатно е македонско гласачко тело, имаме победа на ВМРО-ДПМНЕ. И овој резултат од 370 илјади е одличен резултат за ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека и во најоптимистичките варијанти се предвидуваа 350 илјади гласови, бидејќи јасно беше дека има поголем резервоар на гласачи не само Албанци, туку и оние кои беа апстиненти во првиот круг за Пендаровски. Очигледно е дека после овие избори, нема место за еуфорија во СДСМ. СДСМ и она ветување што го даде Заев, ќе биде клучот дали ќе влезе како фаворит на парламентарните избори. ВМРО-ДПМНЕ дефинтивно после овие претседателски избори е компетитивен, повторно силен и ќе биде сериозна закана за актуелната владеачка коалиција –изјави Бучковски за Сител.
Comments are closed for this post.