Не постои држава во светот, барем во оние што ги знаеме за цивилизирани, каде што има две академии, посебно не во унитарни држави каква што е Македонија.
Отворањето на албанска академија на науките може да ја отвори Пандорината кутија од која во иднина би можеле да излезат и академии на другите делови од народи кои сега се наоѓаат во Преамбулата на Уставот, но и они кои претендираат да станат.
Која би била гаранцијата дека доколку Бугарите влезат во нашиот Устав и тие не би барале своја академија по принципот „ако можат Албанците зошто да не може и за нас“? Затоа никако не смее да се дозволи формирање на уште една академија покрај МАНУ.
Опасна е и намерата на Коалицијата „Вреди“, од чии редови се градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир кои се изјаснија дека ќе го финансираат ова здружение на граѓани– наречено „Албанска академија на науките и уметностите“.
Кој може да гарантира дека во некој иден разговор помеѓу партија од македонскиот и албанскиот блок за формирање влада нема на маса да биде ставено и барањето албанската академија да биде ставена под државна капа и финансирање?
Таков пример имаме со Универзитетот во Мала Речица кој од „див“ во деведесеттите години стана „питом“ и финансиран од државата.
На оваа тема „Република“ ја праша за мислење професорката Елка Јачева-Улчар која важи за еден од најдобите познавачи на научните и историските случувања во Македонија. Taa смета дека национална академија може да биде само една во рамките на една унитарна држава.
Постоење на повеќе национални академии, според Улчар го има во федерална држава каква што беше поранешна Југославија.
Не постои пример во светот на постоење повеќе национални академии врз етнички принцип, освен врз струков. Доколку се направи преседан со отворање Албанска академија, тоа би повлекло формирање и на други академии од страна на деловите од народи дефинирани според Уставот, но и на оние што во некоја блиска иднина, па и во актуелниов миг, – претендираат да се закодираат во нашиот Устав-објаснува Улчар за „Република“.
Професорката е убедена дека инсистирањето на отворање академии врз етнички принцип е лошо и опасно решение бидејќи науката, уметноста, па и спортот не зависат од етничката припадност на поединецот, туку само и само – од квалитетот независно од етничката, родовата или верската припадност.
Опасно, зашто ваквото однесување на албанскиот политички фактор во земјава наместо да придонесува кон зближување и работа врз една заедничка национална платформа (овде под национална не мислам на етнос, туку на демос) за благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, придонесува само кон повторно поларизирање, цепкање и постојано затегнати и конфликтни односи меѓу Македонците и Албанците. Во секоја цивилизирана држава на 21 век постои само eдна национална академија на науки и уметности, во кои е собран интелектуалниот и уметничкиот крем на едно општество. Отворањето Албанска академија, вака како што во моментов е замислено и финансирано на локално ниво, може да биде единствено научно друштво од локален карактер, какви што имаме веќе во повеќе градови на Македонија (Битола, Велес…) Kако што имаме една Влада, еден Парламент, еден Врховен суд, така и МАНУ е, и така треба да остане – единствена надредена и главна научна и уметничка институција, надетничка и натпартиска. Во секој друг и поинаков случај, ќе дојде до девалвација и разнебитување на двата основни благородни столба на Академијата, а имено – науката и уметноста како возвишени дејности што на поединецот му го прават животот подостоинствен, посовршен и поубав-додава Јачева-Улчар.
Comments are closed for this post.