Во мое присуство, Ламбе Алабаковски пред надлежните органи кажа дека е и државјанин на САД, но не се повика на него, ниту бараше да биде известена американската амбасада во Скопје. Така што немам информација дали во меѓувреме бил посетен од претставник на амбасадата.
Ова за „Пресинг ТВ“ го изјави адвокатот на Алабаковски, Драган Георгиев, одговарајќи на прашањето дали неговиот клиент, по одредувањето на осумдневната мерка притвор поради потпалување на влезната врата на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, е посетен од претставник на амбасадата на САД во Скопје.
Токму двојното државјанство на Алабаковски беше основната причина битолскиот суд да му одреди мерка осумдневен притвор.
Георгиев вели дека очекува Алабаковски да биде пуштен да се брани од слобода уште пред истекот на осумдневниот притвор.
-Јас очекувам и се надевам, а и работам на тоа. Првично одредениот рок не значи дека и ќе остане, зашто секогаш постои можност тој да биде и продолжен, а до тоа не сакаме да дојде, вели Георгиев.
На прашањето дали на Алабаковски може да му се припише и некаков говор на омраза, тој е дециден дека такво нешто не очекува, со оглед дека во случајот станува збор за конкретно дејство и никогаш не изјавил нешто што може да се толкува како говор на омраза.
Георгиев го задржа правото на дискреција со својот клиент и не сакаше да обелодени никакви детали за разговорите, што ги водел со сопругата на Алабаковски. Само додаде:
-Како секоја сопруга, таа е загрижена што ќе се случува понатаму.
Во врска со тоа дали има комуникација или некаква помош од адвокатите, кои во јавноста се понудија бесплатно да го бранат Ламбе Алабаковски, Георгиев вели:
-Адвокат настапува со уредно полномошно од својот штитеник или од него овластено лице. Нечиј адвокат не се станува со настапи по телевизии или други медиуми. Подобро е да си ги гледаат своите клиенти и да не даваат изјави за случајот. Зашто лесно е да се седи и да се зборува како пред кооперација, но на крајот сепак некој треба да ја плати сметката.
Comments are closed for this post.