Споменувањето на октомври следната година како можен термин за парламентарни избори од страна на премиерот Зоран Заев повторно го отвори прашањето за т.н пржинска или преодна влада, првпат воспоставена за изборите во 2016 година.
Според договорот од Пржино, потпишан од четирите најголеми партии 100 денови пред изборите треба да биде именуван технички премиер од страна на партијата на власт, но и она што е поважно, министер за внатрешни работи номиниран на предлог на опозицијата.
Oд ВМРО-ДПМНЕ велат дека премиерот Заев манипулира со терминот на одржување на предвремени парламентарни избори за да не даде сто денови Пржинска влада, туку тој рок да биде многу пократок, 45 до 50 денови.
Според опозициската партија, Заев не се плаши од тоа што тој нема да биде на чело на владата три месеци туку од тоа сто дена опозициски министер ќе биде на чело на МВР.
Термините за одржување на парламентарни избори се јасни. Пржинската влада мора да се формира 100 дена пред нивното одржување. Последните парламентарни избори беа одржани на 11 декември 2016 година. Според тоа, секој рок од први октомври до 31 декември 2020 година се смета како термин за редовни парламентарни избори и во тој случај Собранието нема потреба да се самораспушти.
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски на Фејсбук објасни дека изборите за пратениците во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието.
Бидејќи мандатот на овој пратенички состав започна на 30 декември 2016 година, значи дека секој термин за избори после 1-ви октомври 2020 година е термин за редовни избори и тогаш важат правилата од Изборниот законик како за редовни избори а Претседателот на Собранието ги распишува изборите без да се распушти Собранието-објасни Велјановски.
Доколку власта остане на ставот дека изборите во октомври следната година се предвремени, тогаш според Уставот важат скратени рокови и во тој случај Пржинската влада ќе биде со скратени рокови , односно најмногу до 60 денови.
Comments are closed for this post.