Пратеници на СДСМ, ДУИ, Беса и на Алијанса предлагаат да се распише оглас за избор на нови претседател, потпретседател и пет члена на Комисијата, затоа што мандатот на сегашниот состав истекува за еден месец, објави 360 степени.
Одлука за распишување оглас за избор на претседател, потпретседател и пет члена на Државната изборна комисија се очекува да донесе Собранието на седницата што почнува денеска.
Предлогот е поднесен од координаторите на пратеничките групи на владејачките СДСМ и ДУИ, како и од Кастриот Реџепи од Беса и Атнан Незири од опозициската Алијанса за Албанците, која, согласно со новиот распоред на сили во законодавниот дом, по изборите во јули, добива едно место во ДИК. Беса, пак, како нова владејачка партија останува без член во ДИК.
На предлог-одлуката за распишување оглас за избор на членови на ДИК не е потпишан претставник на ВМРО-ДПМНЕ.
Мандатот на овој состав на ДИК, кој беше избран со ограничен мандат, за да го спроведе референдумот за името во 2018 година, по оставките на речиси сите членови од претходниот состав, истекува кон крајот на јануари. Иако првично имаше мандат од само шест месеци, кој потоа беше продолжуван во неколку наврати, овој состав на ДИК ги организираше и претседателските избори минатата година, како и годинашниве парламентарни, а неодамна и дополнителни избори за градоначалници на Штип и на Пласница.
извор: 360 степени
Comments are closed for this post.