Лидерот на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и потпретседател на косовската Влада, Фатмир Лимај вели дека 2018 беше тешка година за Косово, но оти сепак земјата направи голем чекор во правец на обединување за процесот на дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за весникот „Епока е Ре”, Лимај изјави дека враќањето на процесот на дијалогот во косовското Собрание, со формирањето државен преговарачки тим, претставува чекор кон унификација на политичкиот фактор во Косово за решавање на спорот со Србија.

– Од почетокот оваа коалиција се соочи со многу значајни теми од минатото, кои на еден или на друг начин ја блокираа земјата и ја доведоа во состојба на политички грч. Демаркацијата со Црна Гора се реши, исто така како никогаш порано имавме посебна посветеност на оваа Влада на економијата. Во однос на дијалогот, успеавме конечно да формираме државна делегација, значи да го вратиме дијалогот во Собранието на Косово, што претставува голем чекор кон унфикација на косовскиот политички фактор за решавање на оваа голема тема, изјави Лимај.

Запрашан дали може да се оцени 2018 година како добра година за Косово, имајќи го предвид неуспехот со визната либерализација, незачленувањето во Интерпол, малиот број нови признавања, како и на повлекувањето на неколку признавања на Косово, Лимај се согласи дека тоа беше тешка година за Косово.

– Со исклучок на прашањето за визите, ситуацијата е таква каква што ја опишавте, бидејќи беше една ммногу тешка година во однос на тие теми. За жал, не успеавме да се зачлениме во Интерпол поради некои држави кај кои српската дипломатија беше многу агресивна. Што се однесува до визната либерализација, верувам дека Владата ја заврши својата работа, за што сведочи и препораката на Европската комисија до Советот на министри на ЕУ за укинување на визите. Косовската држава ја заврши својата работа, а одолговлекувањето со одлуката се случува поради резервите кои ги имаат одредени членки на ЕУ кон тоа прашање, изјави косовскиот вицепремиер.