Скопјани да не потпаѓаат под влијание на дезинформации кои неодговорно се шират по социјалните мрежи за наводно присуство на бактерии во водата во Скопје, порачуваат од ЈП Водовод и Канализација.

Според нив водата во градскиот водовод е чиста и исправна за пиење, а квалитетот и безбедноста на водата за пиење редовно лабораториски се испитува за хемиско-физичка и микробиолошка исправност и резултатите не покажале никакви отстапувања од пропишаните стандарди.

Сите испитани примероци од водоснабдителниот систем на град Скопје ги исполнуваат пропишаните услови за безбедност и квалитет на водата за пиење, соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Во текот на 11 август, Секторот за санитарна контрола зел вкупно 42 примероци од водоводната мрежа во Скопје, од кои четири биле од бунарскиот потег Нерези–Лепенец.

Примероците биле земени согласно методата MKC ISO 5667-5, која се однесува на земање примероци вода за пиење од пречистителни станици и водоводни дистрибутивни системи.

На сите примероци биле направени физичко-хемиски и микробиолошки анализи во акредитираните лаборатории на Секторот за санитарна контрола, согласно стандардот ISO 17025:2018.

Резултатите покажале дека сите 42 примероци од водоснабдителниот систем на Скопје одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, односно водата ги исполнува законски пропишаните стандарди за безбедност и квалитет.

Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести во Скопје, денеска изјави дека зголемениот бројот на заболени од стомачен вирус е нормален за овој период од годината. Таа бројка е во рамките на очекуваното, согласно статистиката од минатите години. Топлото време го прави своето, поради што периодов се повеќе лица имаат стомачни тегоби.