„Повторно викенд, ние на работа“. Ова е една од објавите на социјалните мрежи на д-р м-р супспецијалист Игор Мерџановски, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје кои ги читаме во последниот период. Д-р Мерџановски со својот тим забразно работат за време на викенд се со цел да се скратат листите на чекање за операција, а пациените кои со години се надевале дека ќе бидат оперирани добиваат термин.

Досега со забрзаната викенд-акција се опфатени неколку десетици пациенти, а бројката постојано расте, вели во интервју за „Република“ д-р Мерџановски.

Со д-р Мерџановски разговаравме за намалување на бројот на пациенти кои чекаат за операција, за новините кои се планираат на Клиниката, кадарот, трансплантационата медицина…

Д-р Мерџаноски е роден 1971 година во Гостивар. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје каде што завршил и специјализација по општа хирургија. Во 2018 година се стекнал со звањето супспецијалист по трауматологија. Тој исто така одбранил магистерски труд од областа Јавно здравје.

Има повеќе од 20 години искуство применувајќи најсовремени пристапи и методи на работа во различни хируршки интервенции во согласност со модерната медицина. Своето работно искуство го стекнал на Универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Скопје, но исто така и низ клиники во Европа, меѓу кои Германија, Австрија и Турција. Долгогодишен член е на AO Trauma организацијата и учесник на годишни конгреси во Хрватска, каде што бил и едукатор.

Д-р Мерџаноски поседува лиценца за судско-медицинско вештачење. Исто така, тој е член на здравствени комисии во земјата каде што придонесува со современи решенија за развој и унапредување на здравствениот систем, пишува во неговата биографија.

Д-р Мерџановски си тимот од Клиниката / Фото: Приватна архива

Кои беа главните причини поради кои се пристапи кон забрзано намалување на листата на чекање за пациенти?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Главната причина беше долгогодишното акумулирање на пациенти кои чекаат оперативен зафат, што дополнително се интензивираше за време на пандемијата, но и поради недостиг на кадар и ограничени оперативни термини. Наш приоритет е пациентите да добијат навремена и квалитетна здравствена услуга, бидејќи пролонгираното чекање често доведува до влошување на здравствената состојба и покомплексни интервенции.

Колку пациенти досега се опфатени со оваа акција и за кои интервенции станува збор?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Досега со забрзаната викенд-акција се опфатени неколку десетици пациенти, а бројката постојано расте. Станува збор за ортопедски и трауматолошки интервенции, вклучувајќи корективни операции, реконструктивни зафати, интервенции на ‘рбет, екстремитети и други состојби за кои пациентите чекале подолг временски период.

Дали веќе се забележуваат конкретни резултати и олеснување за пациентите?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Да, резултатите се веќе видливи. Листите на чекање се скратуваат, а пациентите кои со години чекале конечно добиваат термин. Ова значително го подобрува нивниот квалитет на живот и ја враќа довербата во јавното здравство.

Дали ова ќе стане долгорочна пракса или е времен проект?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Нашата цел е ова да прерасне во долгорочна и одржлива пракса. Секако, тоа ќе зависи од кадровските и финансиските можности, но определбата е да се воспостави систем кој континуирано ќе ги намалува листите на чекање.

фото: Приватна архива / Наш приоритет е пациентите да добијат навремена и квалитетна здравствена услуга, бидејќи пролонгираното чекање често доведува до влошување на здравствената состојба и покомплексни интервенции, вели д-р Мерџановски

Во врска со успешната операција на четиригодишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет – дали овие процедури ќе станат дел од редовната клиничка пракса?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Да, токму тоа е нашата цел. Оваа интервенција претставува значаен исчекор и доказ дека Клиниката има капацитет да воведе високо специјализирани процедури во редовната пракса.

Дали Клиниката сега располага со обучени лекари за самостојно изведување на вакви операции?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Преку соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција, нашите лекари активно учествуваа во оперативниот зафат и поминаа практична обука. Во иднина, со дополнителна едукација и менторство, овие интервенции ќе можат самостојно да се изведуваат од домашен кадар.

Што ново се планира на Клиниката?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Планираме воведување нови современи хируршки техники, дополнителни обуки за медицинскиот кадар, подобрување на опремата и јакнење на меѓународната соработка. Целта е Клиниката да се развива во регионален центар за комплексни ортопедски и трауматолошки интервенции.

Дали ќе се продолжи практиката на трансплантации на коска од починати дарители?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Да, оваа пракса ќе продолжи. Успешно изведените трансплантации претставуваат значаен напредок и отвораат нови можности за лекување на пациенти со тешки коскени дефекти.

Кои се најголемите предизвици во трансплантационата медицина?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Најголемите предизвици се недостигот на донори, недоволната јавна свест за значењето на донацијата, како и потребата од постојана едукација и логистичка поддршка на медицинските тимови.

Што е потребно Македонија да направи чекор напред во оваа област?

Д-Р МЕРЏАНОВСКИ: Потребна е силна институционална поддршка, јакнење на националниот систем за трансплантација, континуирана едукација на здравствените работници и подигнување на јавната свест за донирање органи и ткива. Само со заеднички напор можеме да постигнеме одржлив и ефикасен трансплантациски систем.

Разговараше: Александра М. Бундалевска