Променливото време со повеќе облачни денови, засилен ветер и дождови се одлика на оваа пролет што е невообичаено за овој период од годината. Постудените утра кои беа типични за овој период се причина пролетната облека да се замени повторно со зимска, а осцилациите во утринските и дневните температури влијаат врз здравјето, особено кај хронично болните пациенти. Многумина се прашуваат зошто оваа пролет е толку променлива и постудена од останатите досега.

Професорот Владо Спиридонов, кој работи како визитинг професор по метеорологија на Универзитетот во Виена, во својата најнова анализа „Зошто толку променлива пролет 2019“ упатува на неколку клучни фактори кои влијаат врз ваквиот развој на времето. Се осврнува на индексите на Северно-атланската и Артичката осцилација, како и на загревањето на Артикот и феномените Ел Нињо и Ла Ниња.

Во резимето на анализата, професорот Спиридонов наведува дека Северо-атланската осцилација има негативен индекс, а слабо изразен негативен индекс има и Артичката осцилација, додека како резултат на послабо изразениот поларен вртлог и послабиот интензитет на млазна струја, ладниот воздух се издвојува од ротацијата на вртење (агловиот спин) и се движи кон југ при што се јавуваат чести продори на ладен воздух кои создаваат поволни динамични услови за развој на циклони и фронтални системи.

Овој модел, појаснува професорот Спиридонов, поддржува сезонски до повисоки температури низ северна Европа и сезонски до пониски температури во јужниот дел на Европа и Балканот.

Објаснувајќи детали од анализата, Спиридонов во изјава за МИА вели дека почетокот на годинава се карактеризирал со појава на екстремни временски прилики во многу делови од светот и тоа од рекордни температури, пожари и врнежи во Јужна Америка и Австралија, до опасни и екстремни студови во Северна Америка и обилни снежни врнежи на Алпите и Хималаите.

Според извештајот на Светската Метеоролошка Организација (СМО), на глобално ниво температурите за месец јануари се за 0,4°C повисоки од просечните за нормалниот климатски период 1981-2010 година. Така на пример, Австралија продолжи да се соочува со големи горештини, но и други региони бележеа многу повисоки просечни температури како Блискиот Исток и источниот дел на Сибир, Монголија и североисточна Кина. Од друга страна пак потпросечна температура беше евидентирана на Арктичкиот океан, додека во Европа, температурите беа близу или нешто под просекот. На Алпите е регистрирана натпросечна количина снежни врнежи. По должината на северните делови на источниот Медитеран и северозападно од Шпанија, количеството врнежи беше исто така многу над просекот, што доведе до излевање на некои реки и појава на поплави каде за жал имаше и жртви, истакнува Спиридонов во изјавата за МИА.

Посочува дека промената на времето зависи од распределбата на топлината, ветерот и влагата и оти кога станува збор за актуелните карактеристики на времето, тие зависат од тековниот статус на атмосферата над една област или место.

Во одделни сезони, вели Спиридонов, се јавуваат промени во однос на вообичаените дневни одлики типични за таа сезона (во однос на температурите, врнежите, ветровите и сл) и во тој случај причината за тие сезонски промени треба да се бара во промените и отстапувањата на основните глобални двигатели: сончевото зрачење, општата атмосферска и океанска циркулација, распоредот и поместувањето на воздушните маси, распределбата на баричките системи (центри со низок и висок воздушен притисок), температурните градиенти (транспорт на топлина), млазните струи (тесни појаси со силни ветрови на висина, каде конвергираат две воздушни маси со различни температури) и други временски и климатски феномени.

И времето и климата имаат суштинско значење врз одвивањето на животот и секојдневните активности на луѓето. Како резултат на климатските промени се јавуваат повисоки температури на воздухот, промени во режимот на врнежите, зголемување на фреквенцијата или интензитетот на некои екстремни временски појави и зголемување на нивото на морињата. Овие влијанија го загрозуваат нашето здравје со тоа што влијаат врз храната што ја јадеме, водата што ја пиеме, воздухот што го дишеме и времето што го доживуваме.