Во Музејот на македонската борба, в петок со почеток во 20 ќасот, концерт ќе одржи пијано дуо
Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски.
Концертот е посветен на 250-годишнината од раѓањето на композиторот Лудвиг ван Бетовен. Покрај дела од германскиот великан, на концертот ќе бидат изведени и композиции од А. Дворжак, Б. Сметана и Ж. Бизе.
Јасна Аврамовска потекнува од познато музичко семејство. Студиите по пијано ги започнува на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Стела Слејанска, а ги продолжува и завршува во класата на проф. Тодор Светиев. Магистрира на одделот за пијано на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија, во класата на еминентниот педагог и пијанистка, проф. Жени Захариева. Од 1993 година работи како корепетитор и професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и музички соработник на ФМУ. Настапувала со бројни домашни и странски уметници на домашната и меѓународната концертна сцена: Рахилка Бурзевска, Томислав Димов, Никола Атанасов, Марко Јосифовски, Славица Петровска Галиќ, Весна Гиновска Илкова, Татјана Петрушевска, Благој Ангеловски, Валери Стефановски, Васо Ристов, Александар Кузмановски, Дарко Маринковски, Славица Мицовска. Како солист, се издвојуваат настапите со Филхармонијата, Камерниот оркестар на МРТВ, Оркестарот на МОБ, хорот „Кочо Рацин“, Камерното студио „Бахус“, под диригентската палка на Пламен Ѓуров (Бугарија), Милан Начев (САД), Запро Запров, Ангел Шурев (Србија), Саша Николовски – Ѓумар, Перо Петровски, Симеон Симеонов (Бугарија), Ле Фи Фи.
Аврамовски настапила на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Штипско лето“, „Денови на македонска музика“, Интернационалниот фестивал за пијанисти ЕПТА, меѓународниот фестивал на нациите Il Tempieto во Рим, Италија, меѓународниот фестивал „Искуства за земјата“ во Софија, Бугарија, Балканскиот музички форум во Грција, „Музичка трибина“ во Белград, Србија, Хорски свечености во Ниш, Србија и многу други. Како пијано соработник, Аврамовска реализирала повеќе аудио и видео записи и ЦДа со македонските уметници Татјана Петрушевска, Љупчо Коскаров, Рахилка Бурзевска, Васо Ристов.
Дарко Мариновски дипломира на ФМУ во Скопје во класата на проф. Борис Романов, а магистерските студии ги завршува под менторство на проф. Јасминка Чакар. По завршувањето на студиите и до 2013 година работи како професор по пијано и корепетиција во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Од јануари 2009 година е декан на Факултетот за применета музика на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје. Во април 2012 година е избран за вонреден професор на ЕСРА. Дарко Мариновски како пијано соработник соработува со повеќе истакнати музички уметници со кои настапува на рецитали, концерти и фестивали на домашниот и меѓународниот концертен подиум (Италија, Франција, САД). Мариновски е автор на музиката на неколку македонски краткометражни филмови, како и на музиката на театарската претстава „Косара“ на Загорка Поп Антовска, чија што премиера беше одржана во ноември 2013 година во Националната опера и балет. Како член на квартетот „Коскаров“ во 2011 година го реализира компакт дискот „The Best of Jazz and Blues“, со дела од светската џез литература.
Влезот на концертот е слободен.
Comments are closed for this post.