Министерката за култура Ирена Стефоска при презентирањето на Предлог-буџетот за 2021, кој изнесува 3.276.430.000 денари, кажа дека во рамки на буџетот за култура од следната година се отвора нова програма – „Културно наследство во опасност“ за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари.

Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Како приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години. Тука е и конзервацијата на Лешочкиот манастир. Лично отидов во Градскиот конзерваторски центар за да видам до каде е проектот за конзервација на Аквадуктот. Имам добра вест, идејниот проект за конзервација на Аквадуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели“, рече Стефоска и додаде дека започнува и санацијата на куќата на Личеноски, како и санациите на неколку спомен-куќи низ државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази бег во Ресен.

По пет години преадаптација, конзервација и ревитализација, во Спомен-куќата „Музеј Лазар Личеноски“ во Скопје наскоро ќе следи финалната фаза со санирање на водоводната, топловодната и електричната инсталација.