Здружението на спасувачи на Грција, планира следниот месец да достави предлог до Министерството за поморство за воспоставување регулатива која ќе дозволува користење на СУП даските само од оние кои имаат добиено соодветен сертификат, по краток курс во локални или спортски клубови, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Оваа иницијатива, според весникот, доаѓа поради зголемениот број интервенции на крајбрежната служба за пружање помош на сурфери со СУП, кои се нашле во непогодна позиција.

Претседателот на Здружението на спасувачи на Грција, Мариос Миронакис за „Катимерини“ вели дека имплементацијата на нивниот предлог ќе има само позитивни резултати за љубителите на конкретниот спорт и нагласува дека од една страна, следењето часови за правилна употреба ќе помогнњ лицата да се запознаат со начинот на користење, а од друга страна, ќе бидат информирани за опасностите.

Од друга страна, Јоргос Атанасиу, претседателот на Федерацијата кајак кану на Грција во која припаѓа и СУП, вели дека иако на плажите не се вршат контроли за користење на СУП даските, сепак постојат јасни прописи, бидејќи се смета за воден спорт.

– Основното правило е дека употреба е дозволена до 500 метри од брегот. Исто така, забрането е користење при неповолни временски услови и во ноќните часови, како и пренесување повеќе лица отколку што предвидува производителот. Лицата кои користат СУП мора да носат елек за спасување, нешто што, за жал, ретко го гледаме, вели Атанасиу.

Крајбрежната служба на Грција во текот на летово неколкупати интервенираше за спасување на лица со СУП даски кои во различни делови на земјата (на Лефкада, Халкикиди, Лимнос, Пелопонез, во Атина, Ксилокастро, итн.) најчесто поради лошите временски услови се нашле во неповолна позиција и побарале помош