Новиот албум на Влатко Стефановски – „Тафталиџе шафл“ беше промовиран пред Нова година. Се работи за весело и романтично музичко издание со 9 нумери. Учествуваат и Никола Ристановски, Диран Тавитјан, Кирил Џајковски, кои го дадоа својот придонес и печат на албумот. Стефановски, откако го смислил насловот веќе немало сопки и паузи во неговото создавање.

Сакам да сум полежерен одошто сум и да сум порелаксиран одошто сум. Музиката што ја направив заедно со соработниците сакав да звучи опуштено со оглед дека сите сме под притисок од секојдневниот стрес од информациите што нè напаѓаат и електронските играчки коишто се преполни со шокантни вести. Најмногу уживам кога ќе пуштам некоја плоча, што често го правам, за да се исклучам и да се навратам кон некои помирни времиња – изјави гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски за албумот „Тафталиџе шафл“ („Taftalidze shuffle“).

Новинарката Костиќ-Марковиќ оцени оти ова е еден вид омаж на младоста.

Тафталиџе како населба е фанк-населба и секаде околу мене имаше некој од мојата генерација кој страсно собираше плочи и тој фанк или лајт џез преовладуваше. Тафталиџе во шеесеттите и седумдесеттите години живееше една убава средна класа и тој лајт џез и фанк едноставно прилега на населбата – изјави Стефановски.

Омотот е на Ладислав Цветковски, издавач е „Кроација рекордс“, а придружниот вокал е Андријана Јаневска.