Со вечерната богослужба на Велика Среда завршуваат великоипосните богослуженија, а продолжуваат посебни богослужби, со друг состав и со особено значење. До Велика Среда во богослужбените текстови има поттик за плач на луѓето заради својата грешност, а од Велики Четврток започнува поинаков плач на верниците – плач од глетката на ужасните страдања, мачења и распнување на Христа Спасителот.
Тогаш се испомешани чувствата на плач и радост – плач за маките на Христа, а радост поради нашето спасение и благодарност кон Бога. Таа неопислива промена на чувствата ги возбудува срцата на верниците и ја исполнува душата. Тоа е време со наплив од горки и радосни чувства, умилителни и животворни молитви, богољубивост и црквољувие.
Богослужбите нè пренесуваат кај настаните во Ерусалим, на Елеонската Гора, на Сион, во Гетсиманија, по Патот на страданијата, на Голгота и во градината на Јосифа од Ариматеја – во неговата гробница. Таа непроценлива можност ни ја даваат овие дни, кога можеме постојано да се молиме и да созерцаваме за тоа. Ние тогаш сме со Господа и учествуваме во сите собитија, со мислите, со срцето и со душата.
На Велики Четврток се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија. Во овој ден си спомнуваме за: Тајната вечера и сè што се случувало тогаш: подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина.
Велики Четврток е денот на Тајната вечера. На овој ден се повикуваат верниците на Причест, затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на Причеста. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа, директно ја примиле Причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на Причеста. И во пофалната песна за Богородица, која се пее на Литургијата (место Достојно…) се повикуваат верниците на Христовата вечера на бесмртната трпеза. А, место Херувимската песна, денес се пее за Тајната вечера, се изобличува Јуда, а се воспева благоразумниот разбојник.
Евангелските текстови ги опишуваат сите тие настани, а светите отци и учителите на Црквата ги разјаснуваат и толкуваат, низ своите поуки и текстови. Четивата од овие случувања се поразителни, трогателни и многу чувствени, а мислите се насочуваат кон Бога и Неговата преголема жртва за нас. Тоа е изразено и во богослужбените песни и во молитвите.
Ние сме внесени во тоа и созерцателно ги предаваме нашите мисли, чувства и волја на Бога. Да бидеме со Него во последните мигови на страданијата, да бидеме Христови сострадалници, во сета ск’рб, мака и страдание. Такво треба да биде нашето христијанско срце – сочувствено и сострадално.
А Кој е тој Страдалник? За кого страда? Зошто трпи? Што згреши за да биде мачен и распнат?
Христос Безгрешниот Спасител на светот, страда заради нас грешните, доброволно – од љубов кон нас. Ние, пак, треба да покажеме побожност и благодарност. Да не бидеме предавници како Јуда и отстапници од Господа, ниту богопротивници како оние што Му судеа на Бога, туку да се поклониме пред долготрпеливиот Господ и Спасител Исус Христос.
+ + +
На Велики Четврток, на крајот од Литургијата (по замвонската молитва), се извршува чинот: Архиерејското миење на нозете на 12 свештеници, кои ги претставуваа 12 апостоли на Тајната вечера. За тоа време се читаат текстовите од евангелијата, кои говорат за тоа како Христос им ги измил нозете на апостолите, почнувајќи од Јуда, за да не рече дека го запоставил, па затоа го предал и завршувајќи со Петар, којшто се пофалил дека и сите да се одречат од Него, тој нема тоа да го направи, а уште ноќта трипати се одрекол од Христа.
+ + +
Осветувањето миро се извршува на Литургијата на Велики Четврток. Со осветеното миро се извршува светата тајна миропомазание по кршевањето, се осветуваат цркви и антиминси.
+ + +
На Велики Четврток се прави и општо маслоосветување, кое е различно од светата тајна елеосвештение. Ова маслоосветување се употребува за помазување на здрави, а елеосвештението се извршува над болни луѓе, за да оздравеат. Освен присутните во храмот за време на општото маслоосветување, со него се помачкуваат верниците през целата година, а по манастирите, на Велики Четврток ги помачкуваат со него и ѕидовите од монашките ќелии.
Тоа се прави за зачувување на здравјето: духовно и телесно и во знак на покајанието. Елејот е симбол на Божјото милосрдие – елеј на радоста и покајанието. Симбол на проштевањето. Маслоосветувањето се прави на Велики Четврток затоа што во овие свети денови сите христијани треба да се каеме и да се помачкаме со маслото на покајанието, а Бог ќе ни ги прости гревовите, како што и простил на жената грешница која го помазала Господа. Со овој осветен елеј, порано, на Велики Четврток ги помазувале огласените, кои биле подготвени да се крстат на Велигден.
+ + +
На трпезата е разрешено масло и вино. Постот на Велики Четврток се ублажува и, според Правилото, се допушта да се јаде зготвено со масло (зејтин) и се пие вино, до три чаши во денот. Традиционалниот пост, пак, во народот задржал постење строг пост и во овој ден, што не е забрането, но не е задолжително, бидејќи може да се јаде со зејтин.
+ + +
Црковното предание и нашата стара традиција уредиле на Велики Четврток, рано наутро, пред изгрејсонце, да се вапцуваат првите Велигденски јајца.
+ + +
Во Четвртокот попладне се читаат Дванаесетте евангелија на светите Христови страданија. Во нив се опишуваат страданијата на Господа до Неговото распнување. Евангелските читања се проследени со црковни песни од антифоните, кои со поетски израз го кажуваат евангелскиот збор. На оваа богослужба што се служи во вечерните часови, се изнесува Распетието – Крстот, со двете икони: на Богородица и свети Јован под крстот, и се поставува на сред црква.
+ + +
Подготовка за Пасхалната вечера
Во Евангелието е запишано сè што станало на Велики Четврток. Започнува со Подготовката за Пасхалната вечера, позната како Тајна вечера на Господа Исуса Христа со апсотолите (Матеј 26,17-19; Марко 14,12-16; Лука 22,7-13). Се вели: „Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: ,Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?‘ “ (Марко 14,12).
Првиот ден на Бесквасници бил, всушност, четвртокот, кој претходел на празникот кога се колело пасхалното јагне. Првиот ден е денот пред главниот настан. Тој ден бил чет¬врток, затоа што јудејците во петок почнувале да ја јадат пасхата, а денот пред тоа го подготвувале пасхалното јагне. По Божја наредба Евреите секоја година колеле пасхално јагне во спомен и сеќавање на преминот (пасха=премин), излегувањето од еврејското ропство.
Во тој ден, учениците отишле да Го прашаат Христа каде сака да ја подготват и да ја јадат Пасхата. Според ова, видно е дека Господ Исус Христос немал сопствено живеалиште, а ни апостолите немале свои домови за да Го повикаат и да Го одведат на пасхалната вечера, но исто така, видно е и тоа дека Он и Неговите апостоли сакале да го испочитуваат Старозаветниот закон за Пасха, а веројатно тоа го правеле и претходните три години.
Христос ги испратил апостолите Петар и Јован (Лука 22,8), да ја подготват Пасхалната вечера. Преданието вели дека станува збор за куќата на евангелистот Јован Марко во Ерусалим. Можеби, токму заради одржувањето на Тајната вечер во тој дом, кога е востановена светата Евхаристија, подоцна токму „куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко“ постанува првиот храм во Ерусалим каде што се собирале мнозина и се молеле (Дела 12,12), односно ја продолжувале светата тајна Евхаристија.
Подготвката на Пасхалното јагне, односно, Пасхалната вечера била како што предвидува обредниот закон: со горчливи билки, со вино и сè што било потребно за обредот. Господ Исус Христос на оваа Пасхална вечера или Тајна вечера, зел најобични работи: леб, вино, чаша и чинија, и на сето му дал вечно значење како на човечкото тело што го зел врз себе.
Сличноста меѓу Пасхалната и Тајната вечера се покажува во тоа што и едната и другата е премин од ропство во слобода: првата, од египетското ропство, а втората, од ропството на гревот; и едната и другата имаат жртви: првата, Пасхалното јагне, а втората, Господа Исуса Христа; и двете поставуваат заедница со Бога: учениците, во Пасхалната вечера претставувале знак за единството со Бога, а во Евхаристиската вечера сите учесници – сите приматели, претставуваат единство со Христа, избавување од гревот и премин од материјалниот во вечниот живот.
Миење нозе на апостолите
Во некои православни цркви се практикува и обредното миење нозе на апостолите за коешто пишува светиот апостол и евангелист Јован во Евангелието (Јован 13,1-17). Христос им ги измил нозете и им покажал пример на смирение и понизност, како и пример на љубов и жртва преку служење еден на друг. Да се натпреваруваат кој кому да му служи, а не кој да биде поголем и кој да владее со другите. Не го издвоил ни Јуда – и нему му ги измил нозете и тоа најпрво нему.
Во тропарот – основната песна на празникот, се вели: „Кога славните ученици, при миењето на нозете на Вечерата, се просветлуваа, тогаш злочестивиот Јуда, болен од среброљубие, се помрачуваше и на беззаконите судии, Тебе – праведниот Судија – Те предава. Душо среброљубива, гледај каде оди да се обеси таквата душа; одврати се од среброљубието на Јуда, кој се осмели да Му направи такви работи на Својот Учител; Господи, Кој си добар за сите, Слава ти.“
Поука за смирението и братољубието
Христос ги поучувал апостолите до последен момент. Ги советувал и им велел да се сакаат помеѓу себе (Јован 13,12-16). Он им дал пример како треба да прават и тие. Бил како слуга меѓу нив (Лука 22,27). И завршил со зборовите: „Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате“ (Јован 13,17).
Поуките за љубовта меѓу апостолите претставувале уште една опомена на Јуда да се откаже од предавството, но тие не допирале до срцето негово, кое било обземено со злобност и среброљубивост.
Посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата
Господ Исус Христос го знаел предавникот и на Вечерата го навестил: „И кога седеа и јадеа, Исус им рече: ,Вистина, ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.‘
Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: ,Да не сум јас?‘
А Он им одговори и рече: ,Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата‘ “ (Матеј 26,20-25; Марко 14,17-21; Лука 22,14-23; Јован 13,21-26).
Во Евангелието според Јован најопширно се опишани поединостите во врска со тоа, како Господ Исус Христос пред апостолите укажувал дека Јуда ќе биде Неговиот предавник. Ова може да го објасниме со фактот што светиот апостол и евангелист Јован бил најблиску до Господа Исуса Христа на Тајната вечера, та дури и главата си ја навалил на Него и затоа тој можел да ги чуе сите Христови зборови.
Тој, како што забележал во Своето евангелие, откако се навалил на градите Исусови и му рекол: „Кој е Господи“, Исус одговорил: „ ,Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и подадам.‘ И кога натопи залак му го подаде на Јуда Симонов Искариот“ (Јован 13,25-26). На Јуда и во тие последни моменти му се дала можност да се откаже од својата предавничка намера и да се покае, но тој тоа не го направил.
Зошто, пак, Господ Исус Христос, воопшто, го избрал Јуда за Свој апостол, кога, како Бог, знаел дека тој ќе го предаде? Во Светото писмо јасно стои дека Господ Исус Христос знаел дека ќе биде предаден од еден од 12-те и во разговорот со нив им рекол: „ ,Не дванаесетмина ли ве избрав Јас? Но еден од вас е ѓавол.‘ А зборуваше за Јуда Симонов Искариот, оти тој, како еден од дванаесетте, сакаше да Го предаде“ (Јован 6,70-71).
Изборот на Јуда за апостол претставува возвишено покажување на љубовта Божја кон човекот и кон гршникот, како што и натопувањето на залакот и давањето од рацете Христови во устата на Јуда претставува најсовршено искажување на љубовта и грижата Божја за спасување на грешникот до последниот момент. Така се пее и во псалмите: „Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив“ (Псал. 102,8; 77,38; 110,4; Јерем. 3.12).
Синот Божји заминува од овој свет предаден од Својот пријател и апостол, тоа било пророкувано уште во Стариот завет и запишано во Светото писмо, но преку тоа не може да се оправда лажниот Христов апостол и да ја олесни неговата виновност, односно личната одговорност за она што го направил.
Јуда е виновен за тоа што останал при својата одлука, а предавството е лично негово определување, според својата слободна волја. Тој не морал да го изврши предавството и никој не смее да мисли дека тоа го направил за да се исполни кажаното, бидејќи Божјата промисла не ја укинува слободната волја на човекот.
Бог однапред знаел дека Јуда ќе Го предаде, но исто така, знаел и дека тој сосема слободно ќе го изврши своето дело. Јуда не Го предал Христа затоа што Бог со Своето провидение тоа го видел однапред, туку причината за Јудиното предавство е во неговата лична слободна волја, со која можел да ја прифати љубовта и спасението или да се определи за гревот и смртта. Размислувајќи за Јуда и неговото предавство, ние не сме повикани да го осудуваме, туку сериозно да се себеиспитуваме и да прашуваме како што Го прашувале апостолите Христа: „Да не сум јас – да не сме и ние“ предавници на Христа!
По каснувањето на залакот добиен од раката Господова, Јуда не ја примил последната опомена и не ја прифатил љубовта од Господа, туку го прифатил ѓаволот и тогаш влегол сатаната во него, па станал од Вечерата и излегол, заминувајќи кај првосвештениците. Договорени биле да ги одведе кај Господа и лично да им го предаде, во текот на ноќта – во времето на темнината и злото.
„Откако предавникот зеде леб во рацете, скришно ги пружа и ја прими цената на Оној што со Свои раце го создаде човекот, и Јуда остана непоправен слуга и измамник.“ (кондак).
„Тајна вечера“ – востановување на Светата евхаристија
Оваа е најзначајната вечера Господова – Последната вечера со апостолате – Тајната вечера (Матеј 26,26-30; Марко 14,22-25; Лука 22,15-20; 1. Кор. 11,23-25).
Пасхалната вечера, го поврзувале јадењето на Пасхалното јагне со јадењето на телото Христово. Се поистоветува Христовото тело со закланото Пасхално јагне. Ова е слика како Господ Исус Христос Го зема врз себе обичното човечко тело, Го благословува и го издигнува до спасението, и допушта тоа Негово тело да биде прекршено и дадено на сето човештво за спасение, преку Светата евхаристија.
Виното на Тајната вечера ја претставува Христовата пролиена крв, која е „крв на Новиот завет“, односно, преку која се создава Новиот завет, новиот договор (тестамент) меѓу Бога и човекот. Со Голготската жртва на Господа Исуса Христа престанува крвната жртва во новозаветната Црква и се создава нов, многу посовршен завет од Стариот завет.
Во Христовата смрт симболично се гледа смртта на Пасхалното јагне. Таа претставува почеток на Новиот завет и нова жртва за гревот на човекот, односно „за простување на гревовите“ (Матеј 26,28) и за спасение.
Пасха за Евреите претставува најголем, но и најрадосен, спасителен празник. На тој ден тие Му благодарат на Бога за излегувањето од египетското ропство и за спасувањето од него. Тогаш со пасхалното печено јагне тие пијат вино.
Господ Исус Христос на Тајната вечера, востановувајќи ја светата Евхаристија, создава нова радосна заедница во која секој може да учествува, откако ќе постане член на Црквата. Светата Евхаристија претставува најголем празник за христијанските души, извор на спасение, сокровиште на духовни и морални сили и добродетелен живот.
Светата Евхаристија во Црквата е основа за Евхаристијата во царството Божјо и во идниот живот.
Причеста им дава на христијаните многу повеќе, отколку Пасха на Евреите. Избавувањето од гревот преку Причесната, која се прима за простување на гревовите и за вечен живот, е многу позначајно од избавувањето на Евреите од египетското ропство.
Најава за Петровото одрекување
Апостол Петар горделиво се поставил над другите апостоли и рекол дека тој нема да се одрече од Христа, дури и сите кога би се одрекле. Но, токму тој ќе го стори тоа, му рекол Христос и тоа уште ноќта (Матеј 26,31-35; Марко 14,27-31; Лука 22,31-34; Јован 13,36-38). Така и се случило. Петар се одрекол од Господа трипати и го обзела силна тага, срам и страв, па горко плачел.
И најсилниот апостол ја покажал слабоста на човечката природа и се видело дека смртта е страшна за сите. Петар, пак, научил дека треба да им се простува на луѓето заради нивните слабости и немоќи, и да биде милостив кон грешниците, како што бил милостив Бог кон него.
Апостолот Петар бил со експлозивен карактер и многу брз. Тој горделиво се пофалил и Го разжалостил Господа. Ноќното пеење на петелот бил знакот што него, а и останатите апостоли, ќе ги потсети на неговото ветување, кога ќе го чујат второто пеење на петлите во Ерусалим. Тоа се случува во раните мугри, пред зората да зазори, зашто првото пеење на петлите е нешто по полноќ. Тогаш ќе се сетат на Христовите зборови.
Во времето меѓу првото и второто кукурикање на петлите, Петар навистина трипати се откажал од Христа и кога го чул второто пеење на петелот, се сетил на Христовите зборови и горко заплакал (Марко 14,72). Потоа, цел живот, штом ќе слушнел пеење на петел, апостол Петар веднаш плачел.
Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли
По причестувањето на апостолите, Христос ги искажал пророчките зборови за сè што ќе се случи: и страдање и слава (Јован 13,31-14,31). Им рекол: „Чеда, уште малку сум со вас.“ Им претскажал дека ќе се исплашат и ќе се разбегаат како овци без пастир. Но, за да не бидат обесхрабрени, ги утешува со најавата дека ќе воскресне и ќе отиде во Галилеја пред нив, и таму ќе се сретне со нив. Соблазнувањето на апостолите во моментите на Христовото страдање и нивното разбегување од Христа било нивна лична определба, а не од некакви надворешни прогони и притисоци.
Иако Господ Исус Христос ги предупредил апостолите, кажувајќи им што ќе се случи со Него во Ерусалим, сепак, Гетсиманските и Голготските настани ја разнишале нивната вера во Него.
Тие не разбрале сè што сакал да им каже Христос во Неговите поуки, но Он им говорел дека Он живее и дека и тие ќе живеат, и дека ќе има воскресение на мртвите.
Завршување на Тајната вечера
По завршувањето на Вечерата, Господ Исус Христос и апостолите заблагодариле на Бога молитвено, пеејќи „благодарствена песна“ (Халлел), која содржи делови од псалмите. Тие се помолиле и Му заблагодариле на Бога, и пред и по јадењето, за да нè научат и нас дека треба да се кажува молитва и пред и по јадење.
Потоа, ја напуштиле куќата во Ерусалим, каде што ја јаделе Пасхата, и овојпат не се упатиле кон Витанија, туку, бидејќи било доцна во ноќта и затоа што сакале за празникот да останат во Ерусалим, тие излегле од градот и тргнале кон Елеонската Гора. Господ Исус Христос и апостолите решиле ноќта да ја минат под отворено небо на Маслиновата Гора.
Христос отишол во Елеонската Гора каде што, уште ноќта, еврејските старешини и првосвештеници организирале да биде фатен. Тоа, по Божја промисла, се случило на оваа Гора, во Маслиновата Градина, за да не се направи бунт и врева меѓу народот во градот.
Ако Христос беше нападнат и фатен во градот, можеби мноштво народ ќе се побунеше и тогаш Неговите непријатели ќе го исползуваа тоа да Го обвинат дека навистина Он е бунтовник и дека создава немири околу Себе, па се бунтува против еврејските старешини, против првосвештениците и против римската власт.
Вакво обвинение не можеле да Му припишат на Христа, ниту, пак, тоа можело да се случи во Елеонската Гора, каде што бил само Он со Своите единаесет ученици и бил фатен без присуство на народ, во часовите на длабоката ноќ.
(За МИА подготви Проф. д-р Ратомир Грозданоски)
Comments are closed for this post.