Василичарските друштва Горна и Долна маала од Вевчани се откажаа од организација на Вевчанскиот карневал, кој традиционално речиси 15 века се одржува на 13 јануари. Претседателите на двете друштва Перо Ташиноски и Мирослав Костојчиноски, по денешната средба со градоначалникот Сашо Јанкоски за МИА потврдија дека ваквата одлука ја донеле со цел заштита на населението од ширење на коронавирусот.
Првично друштвото „Долна маала” донесе одлука за одржување под посебни мерки и протоколи со цел заштита од ширење на Ковид-19, со дел од обичаите, преку кои вевчанци векови наназад го бркаат злото.
Општината се откажа од организација на културно-забавниот дел, кој се организираше со цел поголема посетеност и промоција на Вевчани.
Ние како Општина Вевчани се откажавме од организација на овогодишните концерти, изложби и сите други активности за „Вевчанскиот карневал 2021″,со единствена цел да се заштитиме од оваа пандемија. Иако Свети Василиј за нас вевчанци е повеќе од обичен празник, нешто што е во нашата крв, во нашата ДНК, во нашите гени од самото раѓање, ние како општина должни сме да апелираме до сите да ги почитувате мерките и протоколите на Комисијата за заразни болести, бидејќи веќе сме во војна со невидлив непријател, истакна градоначалникот Јанкоски.
Вевчанци, сепак не ја изоставаат вековната традиција. Велат дека ќе ги испочитуваат обичаите и неорганизирани низ улиците ќе продефилираат маскирани.
Карневалот е вековна традиција во Вевчани, а вевчанци цела година живеат со идеите како ќе се маскираат. Вевчанци ќе кажат се, но до карневалското дефиле маските ги чуваат во тајност. Традиционално карневалот почнуваше со дефиле под маски напладне на 13 јануари, а следниот ден маските се палат во центарот на Вевчани, со што завршува манифестацијата.
Comments are closed for this post.