Ако имате грамофон во подрум, може да го подготвите за музика зашто плочите се враќаат на голема врата. Тоа не го кажуваат само пасионираните приврзаници на винилот и колекционерите, за кои тие никогаш не ни излегле од мода, туку го потврдува и статистиката. Продажбата расте во последните пет-шест години во светот и годинава првпат од 1986 има повеќе продадени грамофонски плочи отколку продадени цедиња.
Според средногодишниот извештај кој Американската асоцијација на индустријата за снимање (RIAA-Recording Industry Association of America’s) го објави овој месец, а го пренесе музичкото списание „Ролинг стоун“, винилните изданија во првата половина од годинава заработиле 224,1 милиони долари со продадени 8,6 милиони примероци. Во првите шест месеци од 2019 приходите од винил пораснале за 12,9 проценти, а приходите од компакт-дискови стагнирале. Со „воскреснувањето“ на плочите, тренд во светот е и реобјавување албуми на класичните рок-групи, а најпродавани се плочите на „Битлси“.
Преродбата на плочите веќе трета година се празнува и кај нас – в сабота (28 септември) во МКЦ од 14 до 02 часот ќе се одржи третата винил-конвенција „Skopje Vinyl Convention“ на која ќе учествуваат 50-ина диџеи и 40-ина плочари, колекционери и препродавачи (дилери) од Балканот. Настанот во соработка со МКЦ го организира „Фанки фреш“ – здружение на диџеите Чваре (Мартин Христовски) и Гоце (Гоце Трпков) кои никогаш не се откажале да пуштаат музика од плочи.
Comments are closed for this post.