На 57-та улица во Менхетен се гради највисоката станбена зграда во светот, „Central Park Tower“. Кога ќе биде завршена, кон крајот на следната година, ќе биде висока 472 метри, ќе има 131 спрат, а ќе гледа кон најголемиот парк во Њујорк.

Зградата во таканаречената „Улица на милјардерите“ е осмислена од страна на архитектонската куќа „Адриан Смит + Гордон Гил Архитекчр“.

Во себе ќе содржи 179 станови чија пазарна цена се движи од 6,9 милиони долари до 63 милиони долари. И покрај тоа што цените се високи колку и самата зграда, градителот „Екстел Девелопмент компани“ е уверен дека сè ќе се продаде до последниот квадрат.

Зградата не се наоѓа само на најпосакуваната локација во Њујорк со преубав поглед кон Централ Парк, туку ќе нуди и бројни други содржини.

На првите седум спратови од зградата ќе се најдат и шест ресторани, приватен клуб за сопствениците на стан, спа и фитнес зона и слични содржини.

За потребите на зградата конструиран е и многу брз лифт кој може да помине 100 метри за 10 секунди.