Со четири главни награди филмот „Уште една тура“ (Another Round) на режисерот Томас Винтерберг триумфираше на 33-тите Европски филмски награди кои викендов беа доделени во Берлин.
Филмот во копродукција на Данска, Шведска и Холандија, победи во категориите за најдобар филм, најдобар режисер, најдобро сценарио и најдобар актер.
„Уште една тура“ прикажува четири средношколски професори кои се обидуваат да ја тестираат теоријата дека постојано одржување на мало ниво алкохол во крвта помага за подигање на креативноста. Нивните првични резултати се позитивни и покрај нивната работа се подобрува и успехот на нивните ученици, па професорите решаваат нивниот проект да го претворат во вистинско научно истражување кое добива неочекуван расплет.
Францускиот „Триумф“ (The Big Hit) ја добри наградата за најдобра европска комедија, додека романскиот „Колектив“ (Collective) беше прогласен за најдобар документарец за изминатата година.
За најдобар европски актер беше прогласен Мадс Микелсен, а наградата за најдобра европска актерка беше доделена на Пола Бир.
Целосната листа на наградени може да ја најдете на следниов ЛИНК.
Најпрестижните европски награди, познати и како „Европски Оскар“, ги доделува Европската филмска академија (ЕФА) од 1988 година.
И македонскиот филм „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски оваа година беше во селекцијата за најдобар филм на Европските филмски награди, заедно со уште 37 филмови за кои гласаа над 3.800 членови на Академијата.
Comments are closed for this post.