Музејот на современата уметност – Скопје во рамките на Интердисциплинарната програма започнува со онлајн предавања со наслов „Без/редие во светот на уметноста“.
Предавачи во рамки на програмата се водечки автори, теоретичари и експерти околу актуелни прашања и согледби врзани со уметноста, како: Сантијаго Забала, (Santiago Zabala), кој ќе одржи предавање на 29 октомври, Шантал Муф (Chantal Mouffe ) на 14 ноември, Ејал Вајзман ( Eyal Weizmen ) на 25 ноември, Кети Чукров (Keti Chukhrov ) на 10 декември и Џеф Диаманти (Jeff Diamanti) на 17 декември.
Сите предавања започнуваат во 18.30 часот и ќе бидат реализирани преку ZOOM, а линкови за следење на предавањата ќе бидат овозможени преку официјалната веб страница на музејот https://msu.mk/home/ и преку страницата на МСУ на фејсбук https://www.facebook.com/msuskopje/.
Автор на програмата е Тихомир Топузовски, раководител на интердисциплинарната програма во МСУ и главен и одговорен уредник на списанието „Големото Стакло“. Топузовски пред секое предавање ќе има свој вовед и понатаму прашања во рамките на предавањата. Основните определби на оваа програма е да претставува и промовира современи критички форми на знаење, методологии за истражување, како и анализи и разбирање на уметничките и културните практики.
Програмата започнува в четврток во 18.30 часот со онлајн предавањето на Сантијаго Забала, професор по филозофија на Универзитетот „Pompeu Fabra“ во Барселона.
Наслов на предавањето е „Уметноста глобалното враќaње кон поредокот“. Забала е автор на многу книги, вклучувајќи го и делото„Зошто само уметноста може да нè спаси нас: Eстетиката и отсуството на вонредност“ (Columbia University Press, 2017).
Забала објавува за Гардијан, Њујорк Тајмс и Ал Џезеира. Негова последна книга е „Да се биде на слобода: Слободата во ерата на алтернативните факти“ (McGill-Queen’s University Press, 2020).
Во неговото предавање тој ќе се осврне на политичарите и интелектуалците, кои инсистираат на универзални вистини, создавајќи состојба во која отсуството на „вонредност“ е најголемата вонредна состојба. Во центарот на оваа состојба е верувањето дека нема алтернативи во рамките на глобалниот поредок. Овој поредок ja наметнува реалноста политички над другите култури, оправдувајќи го неговото присуство преку дискредитирање на фактите. На пример, противењето на Доналд Трамп на фактите за климатските промени има за цел да создаде состојба на отсутност на „вонредностa“, каде вистината ја наметнува авторитетот, и ниту набљудувањето на надворешниот свет, ниту дејствијата спротивставени на властите, не се дозволени во постоечкиот поредок. Ова спротивставување е подеднакво застапено кон разликите, промените, како и кон културната „другост“, појави кои треба да се избегнуваат и кои ja нарушуваат безбедната состојба, која властите ја претставуваат. Забала уверува дека уметноста функционира подобро отколку научните извештаи и филозофските трактати како начин на покажување на состојбите на „вонредност“. Ова не е поради умешноста на уметниците да создаваат убавина, туку поради интензитетот и длабочината на нивните дела. Целта на ова предавање е да се оди во разоткривање на случаите на најголема „вонредност“, тoa се случаите кои ги превидуваме, игнорираме и ги отфрламе, и доколку „најголемата вонредност“ денес е „отсуството на вонредни состојби“, треба да се запрашаме како може уметникот да не внесе во овие „вонредности“ и, што е спасот во оваа состојба?
https://www.youtube.com/watch?v=HyDqw6uaSpU&feature=youtu.be
Comments are closed for this post.