Со проекција на документарниот филм „Форте“ (Forte) од програмата на фестивалот „Вечери на женски права“ на режисерот Дејвид Донели (David Donnelly) вечер во дворот на Кинотеката почнува летното кино „Мирно лето“.
Во рамки на фестивалот „Вечери на женски права“ ќе бидат прикажани документарните филмови: „Денот на жената“ (Women’s Day) на Долја Гавански и „Тоа е тинејџерски свет – вмрежени за секс, лаги и игри на моќ“ (It’s a Teen’s World – Wired for Sex, Lies and Power Trips) на Лин Глазиер.
Програмата на летното кино продолжува со традиционалната Недела на италијански филм, која за тема ја има емиграцијата, а ќе бидат прикажани седум филмски наслови: „Леб и чоколадо“ (1974) на Франко Брусати; „Новиот свет“ (2006) на Емануеле Криалезе; „Да Ви се претставам? Роко Папалео (1971) на Еторе Скола, „Добродојдовте на југ“ (2010) на Лука Миниеро; „Сако и Ванцети (1971) на Џулијано Монталдо; „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка (1971) на Луиџи Ѕампа и „Тробојката оди на гласање“ (1981) на Карло Верзоне.
Според програмата, ќе има две вечери со проекции на филмови во рамките на летното издание на Скопје филм фестивал, а на 26 мај ќе се одржи и церемонијата на доделување на годишната награда на Кинотеката „Златен објектив“. Годинашни добитници на „Златниот објектив“ – награда на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија се режисерот Коле Манев и монтажерот Спасе Тасевски.
Кон крајот на мај ќе почне и 11. издание на Филозофскиот филмски фестивал, кој продолжува и во текот на јуни, а ќе бидат прикажани и филмови од Неделата на јапонскиот филм, Неделата на новиот германски филм, проекции на дигитално реставрираните македонски играни филмови „Мирно лето“ и „Фросина“…
Билетарата на Кинотеката ќе биде отворена секој ден од 19 часот, а проекциите ќе почнуваат во 20:30 часот. Проекциите се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од Ковид-19, информираат од Кинотеката.
Comments are closed for this post.