Третиот ден од 39. издание на „Скопје џез фестивал“ продолжува вечер (петок, 16 октомври) во Националната опера и балет, каде од 20 часот е најавен настапот на „Radian“.

Организаторите велат дека Виена е денес ширум отворен креативен дом за голем број нови музички композитори и иноватори, а членовите на Radian се, без сомнение, столбови на оваа заедница.

„Во раните 2000-ти беа под влијание и ја обликуваа извонредно моќната и витална електронска сцена во градот. Нивната музика се опишува како поле на тензичност меѓу екстремните динамики, слободните импровизации и прецизните конструкции, како иманентен контраст меѓу меките и острите ноти“, стои во најавата за концерот.

Во Национална опера и балет потоа во 21:30 часот на сцената ќе засвират Svetlost + Odron Ritual Orchestra. Се работи за голем ансамбл оформен како продолжение на успешната авторска соработка на Кристијан Новковски, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски во триото Светлост.

„Замисленa како отворена платформа за соработка со музичари од различни профили, музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика“, велат од „Скопје џез фестивал“.

Оваа вечер на музичкото мени е и „Large Ensemble“ на Тригве Сеим. Десетчлениот состав ќе имаат екслузивен стриминг од Осло од 23 часот. Од фестивалот велат дека еден концерт од норвешката програмата минатата година беше музичкиот врв во Бремен, на Jazzahead, најголемиот музички Саем на џезот во Европа – токму Large Ensemble на Тригве Сеим. Тој во својата кариера има објавено 22 изданија дискови за ECM Records, од кои на осум се појавува како композитор, лидер на бенд или пак, ја дели улогата на водач на состав.

За неговите композиции се вели дека се ‘неверојатни поради својата логика, јасност и развиток’. И со вчудоневидувачко разбирање на идиомот на еден голем ансамбл, природен, органски тек на музиката и совршено вклопување на индивидуалните изрази на музичарите во целината на музичка слика“, соопштуваат од „Скопје џез фестивал“.

Годинава, фестивалот се одржува во својот стандарден термин од 14 до 17 октомври, со тоа што се реализира во согласност со протоколот за концерти во затворен простор. Во салата на Националната опера и балет се дозволени само 220 седишта. За прв пат годинава фестивалот има директен телевизиски пренос на сите концерти на Македонската телевизија.