Големиот руски, и според многумина најзначаен светски документарист, Виктор Косаковски, е гостин на фестивалот за документарен филм „МакеДокс“, што се одржува во Куршумли-ан во Скопје. Според организаторите на „МакеДокс“, доаѓањето на Косаковски во Скопје е поврзано со два значајни пункта во програмата на 10.МакеДокс.
По неговото пристигнување, Косаковски присуствуваше на сесијата разговори „Под смоквата“.
Синоќа во киното „Милениум“ беше прикажан филмот „Акварела“ (Велика Британија, Германија /2018/ 89’), епска сага за борбата на човекот со природата. Реализиран со фантастична продукција и најсовремена дигитална резолуција, во филмот се појавуваат повеќе човечки ликови, но главниот протагонист е природата, односно огромното и моќно водно пространство на Гренланд. Тоа е филм кој остава без здив и кај човекот влева стравопочит кон природата.
Веднаш по проекцијата се одржа сесија на прашања и одговори со публиката. На прашање од публиката дали е поедноставно да се работи со човечки ликови или со природата? – Косаковски одговори:
Мислите ли дека има воопшто уште нешто да се каже за луѓето? Зар не е доволно? Зар не кажавме сѐ што имавме да кажеме за нас? Искористивме сѐ што можевме, земаме сѐ што сакаме од природата и мислиме дека сѐ е наше и можеме да се однесуваме како што сакаме со неа. Треба само да погледнеме околу нас и ќе сфатиме дека има толку многу нешта за кои може да се зборува, дека не сме важни само ние и нашите приказни. Изминатава година се продуцирани околу 11.000 филмови за човечки приказни. Зошто? Ајде да зборуваме и да твориме за тоа што не го знаеме. Не се врти сѐ околу нас и нашите идеи и емоции. Кога бев да снимам на Гренланд (Акварела) седев на еден ледник за којшто подоцна дознав дека е стар околу 22 илјади години. Мислам дека сите ние ќе исчезнеме. Не сакам тоа да се случи, ама мислам дека нема да го избегнеме тоа поради нашето однесување. Сите овде еден ден ќе се соочиме со крајот, а водата останува бесмртна. И тоа е добрата вест за сите нас“.
Вториот значаен пункт е мастер-класот што денеска го одржува во Даут Пашин Амам.
Не правете филмови ако можете да живеете без да правите филмови“, вели првото од десетте правила за млади документаристи на Косаковски. Како предавач, тој ќе зборува за своите принципи при креацијата на своите синеастички дела и ќе ги претстави своите документарци не само од позиција на режисер, туку и како сценарист, снимател и монтажер. Сепак, потенцира дека не треба да се очекува готов рецепт за успешно правење филмови, бидејќи најмногу ќе зборува за последното од десетте правила: „Не следете ги моите правила. Направете си свои правила“.
Јубилејното издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Македонија, Креативна Европа – МЕДИА, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институт „Јунус Емре“, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Национална галерија, МНТ, Гете-институт, Француски институт во Скопје, Амбасада на Швајцарија, Италијанска амбасада, Амбасада на Чешка во Скопје, Чешки центар Софија, Град Скопје, Амбасада на Република Словенија Скопје, Current Time TV.
Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, МКЦ и Кинотека на Македонија.
Comments are closed for this post.