Веднаш по пожарот, што пред две недели ја зафати катедралата „Нотр Дам“, францускиот премиер Едуар Филип изјави дека ќе биде објавен меѓународен конкурс за проект за нејзино обновување. Засега, условите не се обелоденети, но архитекти од целиот свет веќе објавуваат свои визии за новиот облик на препознатливиот историски белег на Париз.

Масимилиано и Дориана Фуксас предлагаат современ покрив и купола изградени од кристал „бакара“. Според италијанските архитекти, тој ќе потсетува на кревкоста на историските објекти и на нивната духовност, а светлината ќе биде симбол на нематеријалното.

 

Метју Леханор смета дека на местото на уништената купола-„стрела“ и на дел од покривот треба да има структура покриена со злато, што ќе наликува на оган. Според него, тоа ќе го одржува жив споменот за катастрофата, но со високи уметнички вредности.

 

„Vizumatelier“ од Братислава предлага да се подигне не толку висока кула од која кон небото постојано ќе има зрак светлина. Според дизајнерите, така ќе се возобнови оригиналната идеја за „стрелата“ – да биде врска меѓу земјата и небото.

 

„Kiss the Arshitect“, кипарско студио со претставништво во Велика Британија, има нестандардна визија за катедралата со идеја на местото на „стрелата“ да се постави еклектична структура од лакови и топки.

Предлогот на бразилското „AJ6 Studio“ во голема мера се доближува до оригиналниот облик пред пожарот, но е од витраж. И во таа идеја е проткаена врската меѓу земјата и небото.

Рускиот архитект Александар Неровнај предлага комбинација од целосно стаклен покрив и „стрела“ со дизајн на таа, паднатата. Според него, на тој начин луѓето ќе препознаат силна врска на историјата со сегашноста.

Францускиот архитект и уметник Давид Деру смета дека препознатливиот дизајн на „Нотр Дам“ треба да биде максимално зачуван за да се сочува идеализмот околу катедралата.