„Матица македонска“ од Скопје ја објави книгата „Предизвици – автори, дела, настани“ од Раде Силјан.

Во своето најново критичко-есеистичко дело авторот објавува педесет текстови пишувани во изминатите три децении  по повод конкретни настани и значајни датуми од македонската историја, јубилеи на заслужни дејци и современи личности од литературата и науката за фолклорот.

Прилозите се поделени во четири тематски целини, кои создаваат широка слика за историскиот развој на нашата реалност, олицетворена во делата на македонските стожерни имиња: Браќата Миладиновци, Марко Цeпенков, Кочо Рацин, Блаже Конески, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Ташко Георгиевски, Владимир Костов, Горан Стефановски, Милан Ѓурчинов, Кирил Пенушлиски, Блаже Ристовски, Танас Вражиновски, Димитар Ќорнаков и др.

Новата книга на Раде Силјан претставува своевидна хроника на македонските творечки дострели во минатото и денес, раскажана преку нејзините знаменити личности, дела и настани, кои оставиле неизбришливи траги во повеќе области, констатира Паскал Гилевски во препораката на изданието.