Во Македонија и на северната хемисфера денеска во 03:54 часот почна есента. Во исто време на јужната полутопка настапува пролетта. За денеска метеоролозите најавуваат сончево и топло време со умерена облачност и слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура од 7 до 16, а дневната највисока температура на воздухот ќе биде во интервалот од 27 до 33 степени. Есента ќе трае до до 21 декември кога официјално ќе настапи зимата
Утре во првата половина од денот ќе се задржи топло со умерен југозападен и западен ветер. Попладне, а особено кон крајот на денот поради продор на студена воздушна маса од север ќе има извесно зголемување на облачноста со услови за краткотраен дожд на северот и западот од земјава.
Уште попладнето, почнувајќи од север, ќе почне да дува силен северозападен ветер со брзина и од околу 90 км/час, а тоа ќе услови нагло заладување во текот на ноќта и во наредните денови.
Од вторник времето ќе биде претежно сончево, но ветровито со силен северен ветер, како и значително постудено. Дневната температура во поголем дел од земјава ќе се намали за околу 10, а на места и за 15 степени. Од среда наутро осетно опаѓање ќе има и кај утринската температура, која на места ќе се спушти и околу нулата.
Како што велат од УХМР, ладниот бран ќе трае до крајот на неделата, кога треба да има постепено затоплување.
Comments are closed for this post.