Почина Тони Баталаков, педагог-репетитор, поранешен првенец и директор на балетот.
Aнтон Баталаков – Тони е роден во 1945 година во Скопје. Во МНТ е од 1964 до 1992 година, каде што работи како солист, долгогодишен репетитор, директор на Балетот од 1979 до 1989 година, педагог во училиштето, каде што предава Класичен балет и Дуетен танц.
Средното балетско образование Тони го оформува во Скопје во класата на Александар Доброхотов. Уште како ученик настапува во некои претстави на Балетот на МНТ. Од 1964 година е сместен во редовите на ансамблот, каде што танцува во сите репертоарни изведби. Постепено станува солист, а прва главна ролја му е Кнезот во балетот „Тамара“(1965). Танцувајќи кореографии со различни стилски определби, создава и остава обемен репертоар.
Неговите изведби се класични, стилизирана класика, модерни кореографии, карактерни стилизации, до драмски изведби. Најзабележителни креации постигнува во карактернодрамскиот фах, но и модерните стилизации не заостануваат.
Во класичен стил ги изведе следните ролји: Пријатели на Франц во„Копелија“ (1963), „Балада за Скопје“ (1967), Парис и Ромео во „Ромео и Јулија“ (1969), Алберт во „Жизел“ (1973 и 1987), Валс на пролетта во „Штраусијада“ (1976) и др.
Класично стилизираните кореографии многу повеќе погодуваа на неговите можности: „Стремежи“ (1966), Јаго во „Отело“ (1966), Баханал во „Валпургиска ноќ“ (1966), Марко во „Охридска легенда“ (1969 и 1979), Танкред во „Двобојот на Танкред и Клоринда“ (1970), Озрен во „Кикотењето на Гроздан“ (1974), „Поема“ (1979).
И улогите со модерно кореографско обележје во различни стилски определби беа секако успешни изведби на Баталаков: „Аболиција“ (1965), Еднорог во „Абраксас“ (1965), „Песна над песните“ (1977), „Воена приказна“, „Бранови“, „Патување“ (1971), „Болеро“ (1976). Во оваа група на креации се издвојува изведбата на Соломон во „Песна над песните“ од Т. Прошев во кореографија на В. Костиќ.
Кнезот во „Тамара“ (1965), Циганскиот танц на Трговецот во „Петрушка“ (1967), Кадет и Генералот на кадетите во „Танцот на кадетите“ (1967 и 1983), Абдурахман во „Рајмонда“ (1968), Еспада и Фанданго во „Дон Кихот“ (1972), Везирот во „Легенда за љубовта“ (1974), Дон Хозе во „Кармен“ (1975), се ролји со карактерен или стилизиран карактерен израз, што Баталаков ги интерпретираше мошне танцевално, сценски елегантно и драматуршки уверливо.
И ако некои улоги на Баталаков беа успешни и комплетни, тоа беа ликовите од драмскиот фах со кои овој истакнат уметник постигна ретко видени уметнички творби. Интелигенцијата, музикалноста и талентот за драмски остварувања му овозможија да ги оформи ликовите на: Капетанот Кука во „Петар Пан“ (1970), Гиреј во „Бахчисарајска фонтана“ (1981), Хиларион во „Жизел“ (1984), Дон Кихот во „Дон Кихот“ (1985), Ротбарт во „Лебедово езеро“ (1986) во кој беше чудесно свој и уметнички импресивен.
Работејќи на повеќе определби во балетското опстојување кај нас и тоа како танчар, повеќегодишен репетитор, директор, педагог во училиште, секогаш вложувајќи се максимално, Тони Баталаков го дава својот придонес, со што добива значајно место во развојот на балетската уметност во Македонија.
Светол ти пат драг Тони Баталаков, беше вистински борец за македонскиот балет, играч, педагог, директор…Ти должиме многу за ова што сме денес…, напиша Олга Панго, уметничка директорка во Опера и балет.
Неговите колеги и ученици на социјалните мрежи се простуваат од големиот уметник.
Драг Тони Баталаков, да не бевте Вие со вашата искрена посветеност кон балетот и макотрпна работа со секој играч поединечно, балетот не би бил тоа што е, и многу играчи не би напредувале во професијата да не бевте Вие. Секој играч, кога и да ве спомнеме, дури кога и да се гледавме на претстави ви викав, Тони ни требате, ни треба вашата енергија и трпение на проби… Секогаш сте ме подреле во работата како кореограф, и ми помогнавте во моите кореографски чекори, и како асистент и како репетирор на моите претстави.Искрено многу недостасувате.. Голема загуба за македонскиот балет, но вечно ќе се сеќаваме на Вашите дела.
Светол Ви пат Драг Тони, танцувајте со ангелите, напиша Саша Ефтимова.
Драг Тони Баталаков, да не бевте Вие со вашата искрена посветеност кон балетот и макотрпна работа со секој играч…
Posted by Sasha Sagan on Tuesday, April 27, 2021
Comments are closed for this post.