Ненадејно, во 61-та година од животот почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков.
-Почитувани, со голема тага и во неверување ви ја пренесуваме жалната вест дека ненадејно, во 61-та година од животот, почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков, објави утрово Националната установа – ансамбл за народни игри и песни „Танец“ – Скопје на својот официјален Фејсбук профил.
Од „Танец“ потсетуваат дека љубовта кон музиката на Милан Завков почнува од детството. Тој почнал да свири хармоника од осумгодишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.
-Но, без разлика на видот на дипломата, Милан Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор – хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970-та година, со популарниот „Октет Македонија“ ја снима својата прва плоча, а во својата натчетиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група „Македонски мерак“ остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи, соопшти „Танец“.
Comments are closed for this post.