Министерството за култура со дозвола од Владата во последниот број од Службен весник за прв пат ги објави новите коефициенти за пресметка на платите на директорите од националните установи под негова надлежност.

Според рангирањето на коефициентите, најголеми плати имаат директорите на централните национални установи како  “Национална Опера и Балет”, “Македонски народен театар”, “Драмски театар”, „Филхармонија на Република Северна Македонија“ и „Театар Комедија“.

Според објавената одлука со која започнуваат со исплата октомвриските плати, коефициентите на овие пет институции изнесуваат од 4,9673 до 5,2147 и истите се множат со минимална бруто плата од 17.100 денари. Според тоа платите се движат помеѓу 85.000 и 89.000 денари.

Платите се одредуваат во зависност од видот на националната установа, статусот на матична установа, бројот на вработените, потребите на националната установа, сложеноста на работата и дејноста на националната установа.

Следни во низата, кои според коефициентите не се многу далеку од највисоките месечни доходи, се  “Народен театар” – Битола: 4,7846,  “Албански театар” – Скопје: 4,7846, Турски театар” – Скопје:4,7846, “Театар за деца и младинци” – Скопје: 4,7846 „Албански театар за деца и млади“: 4,7846, „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“: 4,4799, Национална установа Национална и Универзитетска Библиотека “Св.Климент Охридски” – Скопје: 4,2679, Ансамбл за народни игри и песни “Танец”: 4,1753, итн.

Од музеите, директорите на „Музеј на Република Северна Македонија“, „Музеј на современа уметност“ и „Археолошки музеј на Република Северна Македонија“, би имале бруто плати од 71.400 денари, колку што би имал и првиот човек на „Охридско лето“, како и националните галерии, конзерваторските центри и заводите за заштита на спомениците.

Кај установите со потесна жанровска специфика, коефициентот ќе се множи со бруто-плата од 18.500 денари, а според тоа, најголемита од 66.000 денари ја добиваат директорите на „Природонаучен музеј“, Археолошкиот локалитет “СТОБИ”, “Конзерваторски центар” – Скопје, Универзитетска библиотека “Св.Климент Охридски” и “Центар за култура” во Битола, манифестација “Струшки вечери на поезијата”, “Спомен куќа на Мајка Тереза” и други.

Помалку платени се директорите на локалните установи како “Спомен куќа на Тодор Проески” “Историски музеј” – Крушево и “Музеј на албанската азбука” – Битола, каде што платите се движат од 59.200 до 56.300 денари.

 

извор: Фактор.мк