Гугл веќе потврди дека воведува такса за пристап до нивните апликации во Европа, што може да достигне 40 американски долари за производителите на Андроид. Оваа одлука е предизвикана од истрагите на регулаторите на ЕУ и паричната казна од пет милијарди долари што веќе ѝ беше изречена на компанијата за кршење на локалните закони. Сега се појави информација дека Гугл, исто така, променил некои клаузули во договорите со своите хардверски партнери, кои се однесуваат на земјите членки на ЕУ, пренесе „Андроид ауторити“.
Желбата на компанијата е за потрошувачите да го добијат најдоброто од екосистемот на Андроид и затоа бараат производителите да обезбедуваат почести надградби. Според новите правила, ажурирањата треба да се дистрибуираат еднаш на секои 90 дена. Во исто време, компаниите што создаваат паметни телефони со платформата мора да обезбедат неопходна поддршка и да ги ажурираат најмалку две години по премиерата. Придобивките за корисниците се дека тие ќе ги добијат новите функции што е можно побрзо.
Новата стратегија на Гугл, исто така, ќе ја подобри безбедноста на паметните телефони, што во моментов е голем проблем за Андроид. Компанијата ќе следи дали се почитуваат правилата и дури разгледува санкции за производителите, кои ќе стапат во сила по 31 јануари 2019 година. Ако тие не ги почитуваат промените, Гугл го задржува правото да одбие да ги лиценцира и дури да ги спречи да промовираат нови андроид-уреди на територијата на земјите членки на ЕУ.