Романот „Боксерот од Ново маало“ на Владимир Плавевски, во кој се раскажува уникатна приказна за боксерот Шуре Катиљ од старото Скопје, ќе биде онлајн промовиран на 2 декември (среда) во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Делото е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина публикации“, а воедно е достапно во книжарниците „Литература.мк“, и да се нарача онлајн на следниот линк: www.literatura.mk. Плавевски, кој по професија е лекар, оториноларинголог, отсекогаш се занимавал со фотографија и со пишување, и може да се нарече хроничар на старото Скопје.

Онлајн промоцијата ќе ја води уредничката на романот Бисера Бендевска која ќе разговара со авторот за идејата и инспирацијата за „Боксерот од Ново маало“, за старото Скопје како и за неговите идни планови.

Главниот лик со интригантен прекар, Шуре Катиљот, е вистинска личност која постоеше во моето детство кога живеев во Ново маало, секако со нова варијација на името и презимето. Тој беше маалска легендарна личност, маалски идол кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години, згора и водач, кабадахија, на маалската банда. Јас и да се трудев да го измислам, не ќе можев да го димензионирам како ликот кој го опишувам бидејќи беше, практично кажано, вонсериска личност. По професија беше колач на стока во тогашната Скопска кланица и маалски тепач, дури и по нарачка. Повеќепати лежеше во затвор и последниот пат директорот на затворот го советувал да почне да се занимава со бокс за да не скапува по зандани. Ова Шуре го сфати сериозно. Ме повика да му читам книги за боксот и, потаму оставам на читателите да продолжат со читање како Шуре Катиљот станува боксер, вели авторот Плавевски.

Владимир Плавевски е роден на 11 декември 1948 година во Скопје. Автор е на повеќе драмски текстови, сценарија за телевизиски серии, ТВ-филмови и радиодрами. Во 2013 година ја добива наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“. Од 2000 година е член и на Друштвото на писателите на Македонија.